Тажно, но и достоинствено е денеска на Гумење во Крушево, на вечното почивалиште на Тоше Проески, големата македонска и балканска музичка ѕвезда која во сообраќајнаа несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, точно пред 10 години, го загуби својот живот.

Тоше го нема, но остануваат неговите песни и неговите хумани дела, беше неподелено мислењето на фановите на Тоше Проески кои денеска дојдоа од цела Македонија, но и од Балканот: од Србија, Хрватска, од Бугарија, Турција да му оддадат почит на неговото вечно почивлиште на Гумење.

Радица Иванова од Бугарија е повеќе години обожавател на Тоше, но прв пат доаѓа во Крушево и на Гумење.

– Прв пат доаѓам во Крушево и ова е некаква магија која со зборови не се опишува. Во Бугарија многу се слуша музиката на Тоше и верувам дека и понатаму ќе има уште многу негови фанови. Овде дојдовме неколку девојки, а многу други сакаа, но не можеа да дојдат. Но сигурно ќе дојдат. Ги чекаме маратонците за да го славиме Тоше, вели Иванова.

Соња Ќурќиќ дојде од Белград, Србија за да му оддаде почит на Тоше.

– Чувствата не се променети. Исти се како кога дојдовме првиот пат во 2008, една година по смртта на Тоше.

Секогаш кога доаѓаме во Крушево, емоциите се исти иста е тагата, тука не може ништо да се промени. Срцето ни е полно со тага и болка и се трудиме да ги споделиме со неговото семејство и со неговите пријатели. Тука сме заедно да тагуваме, но и со радост да се сетиме дека го имавме. Останува неговата музика, спомените, вели Соња Ќурќиќ. Мајре Отом вторпат доаѓа од Истанбул, Турција за Тоше.- Само може да речам дека го сакам многу Тоше. Толку многу чувства имам за него, вели Мајре Отом.

На Гумење се и фановите на Тоше од Хрватска. – Имам само љубов за Тоше. Сфативме дека целиот свет, преку него, е мост на љубовта. Се чувствуваме поврзани, зашто тоа му беше мисијата на Тоше, вели Маја Мариновиќ од Сисак, Хрватска.