Пред граѓаните денеска на протестот организиран од ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда се обрати Јасмина Дамчевска. Таа кажа дека во зандани се луѓе кои со голи раце и големо срце го штителе уставниот поредок на Македонија.

-Актуелната режимска власт ги прогласи за терористи тие што си ја бранеа татковината со песна, со мирољубив марш и со љубов. Има ли крај на парадоксот? Терористи беа тие што со бехатон плочки ги кршеа вилиците на нашата полиција, тие беа, а не нашите браќа и сестри. Невидено и недопустливо е да се затворат родољуби, изјави Дамчевска.

Таа кажа дека ова е симболика на фашистичко владеење, кое сака да посее страв кај секој слободоумен и авангарден граѓанин.

-Целта им е да го разнебитат ВМРО-ДПМНЕ, да го разнебитат столбот на Македонија, доделувајќи разни креирани атрибути, едни ги прогласуваат за терористи, други за криминалци, а третите си ја продадоа душата, потклекнаа на притисоците. Целта им е да го скршат столбот, но треба едно да им биде јасно, нема сила што ќе го скрши патриотскиот дух на Македонецот, изјави Дамчевска.

Таа кажа дека се додека чука и едно македонско срце има надеж за Македонија. Таа напомена дека ова владеење потсетува на инквизицијата од средниот век.

-На нашите браќа и сестри им судат судии кои немаат став, судии без правни критериуми и норми, крволочни, диви вепари желни за топла македонска крв. И додека правдата е неправда и царува кризата, Уставниот суд молчи, изјави Дамчевска.

Таа кажа дека додека се распродава македонштината МАНУ онемеле.

-Нашите браќа и сестри не се терористи, тие се родољуби и затоа тука ќе сме и ќе го креваме гласот се додека не се тргне неправдата, се додека не се ослободат патриотите, изјави Дамчевска.