Фазаните главно се ловат на три начини: со пребарување со помош на ловџиските кучиња, бркање и со гонење. Сите овие начини бараат многу сериозна организација и дисциплина

Ловот на фазани е посебен предизвик за секој ловџија. Тој бара голема прецизност кај секој љубител на ловот, а само оние, највештите стрелци можат да се пофалат со добро уловен дивеч. Фазаните главно се ловат на три начини: со пребарување со помош на ловџиските кучиња, со бркање и со чека. Сите три начини на лов бараат многу сериозна организација и дисциплина во текот на ловот, пред сѐ заради самата безбедност на ловџиите.

Начинот на лов со пребарување со помош на куче, може да биде поединечен или групен, додека другите два начина само групен и тоа изискува дополнителни мерки на внимателност, оти со учеството на повеќе ловџии во групниот лов и опасноста за загрозување на нивната безбедност е поголема.

ЛОВ СО ПРЕБАРУВАЊЕ СО ПОМОШ НА КУЧЕ

Овој начин на лов може да се изведува индивидуално или во група каде што за пребарување се користи едно куче, а во групата одат повеќе ловџии. За ваков вид лов, најдобро е ловџијата да биде придружуван од куче-птичар, а особено на терен каде што може да се следи неговата работа и маркирање. Најбитно за кучето е да биде добро дресирано, за да не се оддалечи предалеку од ловџиите. Исто така при овој лов треба добро да се познаваат карактеристиките на дивечот, а што се однесува на фазаните, пак, тој правилно се придржува до своите навики. Ако во лов се тргне во раните утрински часови (иако е подобро подоцна, кога росата ќе се исуши), фазанот треба да се бара на ливадите, пасиштата и стрништата, каде што оди по утринска храна. Во месеците на лов, фазаните се задржуваат на краевите од полињата, покрај канали полни со висока трева и во близината на шумата, оти го збунуваат гласовите на ловџиите и ловџиските кучиња. Како што изминува денот така и фазаните се повлекуваат сѐ подлабоко во поскришните предели за да најдат некое скривалиште.

Меѓутоа често се случува во тие ловни месеци фазаните да ги сменат своите навики и да излегуваат по храна подоцна, за да ја одбегнат опасноста. Кога кучето ќе го открие фазанот, зазема специфичен став, со кој им дава на ловџиите знак дека го открил она што е нивна цел. Полетувањето на фазанот е бучно и брзо. Помалку искусните ловџии често пукаат во фазанот додека е во залет да летне, па, така, често се случува да промашат или да ја погодат неговата опашка, додека искусните ловџии чекаат тој да летне во рамна положба. Во шумата на фазанот се пука без чекање и онака како што ловџиите мислат дека им е најдобро во тој миг. Кај високите дрвја во шумата, куршумот мора биде испукан пред фазанот да се скрие во крошните на високите дрвја.

Автор на текстот: Гоце Илковски

Целиот текст можете да го прочитате на Нова Македонија