Затнување на еден од каналите за отпадна вода од поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ е причина за загадувањето на Брегалница што се случи кон крајот на април.
Општинскиот инспектор за животна средина, Сенка Андреева вели дека според нивните анализи и анализите на Државниот инспекторат за животна средина настанала еколошка хаварија, со што од каналот излезе отпадна вода во различни бои и директно овие тешки хемикалии, кои се користат за боење на текстил се испуштија во реката. Општинските и државните инспектори за животна средина извршиле контрола на фирмите сместени не само во кругот на „Македонка“, туку и во ТИР зоната. Кај три фирми што се занимаваат со боење ткаенини откриени се технички пропусти.
- Постојат виновници, а не можеш да кажеш, токму тој е, затоа што верувајте дека постојат повеќе инсталации кои влегуваат во една канализациска мрежа, вели Андреева.
Фирмите во кои се утврдени технички пропусти даден им е рок да ги отстранат, во спротивно им се заканува казна од шест до 20 илјади евра.