Заврши изградбата на новите соблекувални и помошни простории на градскиот стадион во Кичево, а за оваа намена Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) издвои 28.000 евра.
- Покрај комфорните соблекувални за фудбалерите и судиите, своја просторија доби и делегатот, а обезбедена е просторија и за допинг тест и економат. Исто така изградена е специјална просторија за ВАР системот и сала за прес конференции, како и специјална ложа за ВИП гости, каде што ќе можат натпреварите да ги следат околу четириесетина лица. Со новоизградените простории, создадени се услови за одигрување и на меѓународни натпревари на помладите категории на фудбалери, што беше дамнешна желба на спортските работници од градот, истакнаа преседателот ОФС Кичево Марјан Ристески.
Покрај ова се предвидува да се постават и нови столчиња како и делумно покривање на западната трибина. Наскоро се очекува да започне и реконстукцијата на соблекувалните и дренажното уредување на стадионот на Велазерими, бидејќи средствата за оваа намена веќе се одобрени од страна на ФФМ.