Разочарани се Вардарци после поразот од Пјуник и елиминацијата од Лигата на Европа. Се посакуваше да биде поинаку, да се победи, да се слави, меѓутоа кога „црвено-црните“ не успеаја да постигнат гол, во финишот гостинот од Ерменија успеа да даде еден, за кратко време уште еден, и да ги сруши надежите на нашата екипа дека може да дојде до успех.

Тренерот Александар Васоски после натпреварот на прес-конференцијата искажа што чувствува после овој натпревар, кој практично беше негов дебитантски како прв тренер на Вардар.

„Нормално дека разочарувањето е големо и кај мене и кај сите. Што се однесува до натпреварот, на 0:0 имавме неколку моменти да постигнеме гол кога се „кршеше“ резултатот. Имавме две шанси и не ги искористивме. Како што кажав и претходно, имавме незгоден резултат, затоа што знаевме дека ако примиме гол, тешко ќе можевме да се вратиме. На крајот, за жал, примивме еден, па потоа уште еден. Таков е фудбалот, ние сме сите разочарани и треба ова да не отрезни и да работиме многу за да се подобриме во иднина“, рече Васоски.

Запрашан како беше во соблекувалната на Вардар после натпреварот со Пјуник, Васоски одговори:

„Сите беа разочарани, потиштени... Кога ќе се загуби не може да се биде расположен. Ова е тежок пораз и тежок удар за нас. Свесни сме дека секој пораз на Вардар боли, затоа што е најголем клуб во Македонија и има многу навивачи. На сето ова, влијае фактот што екипата претрпе сериозни играчки промени за разлика од лани кога го направивме тој успех. Не е тоа истиот тим од минатата сезона, има многу промени на речиси секоја позиција. На новите играчи кои дојдоа им треба време да се вклопат, да се воиграат во новата средина, исто така на младите им е потребно искуство. Не сакам никого да навредам, секој член на Вардар поседува квалитет, меѓутоа промените во составот имаа очигледно последици. Но, треба да излеземе посилни од оваа ситуација, и да се фокусираме максимално кон следните предизвици“.