Македонија во измината година има направено многу големи чекори напред. Напредните сили решија тешки прашања како спорот со името, со цел на земјата да и се обезбеди просперитет. Придобивките од членство во ЕУ и НАТО се огромни и за државата и за граѓаните и затоа тие треба да се искористи моментот.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната Меѓународната конференција „Македонија гледа напред: мигот е да се фати возот за ЕУ“, на која присуствуваше и премиерот Зоран Заев.

Тој истакна дека е многу добро што за Македонија како многу мала земја може да се зборува за ваков напредок. Имаме рече, многу да учиме, но и многу да дадеме на Европа.

- Со договорот со Бугарија, и еве сега со договорот со Грција испраќаме сериозни пораки дека европскиот дух и вредности опстојуваат и овде во Западен Балкан, за да испратме порака на надеж за добри перспективи, рече Заев.

Тој посочи дека пред Македонија и граѓаните е период во кој треба да донесат сериозни одлуки, кои, рече, не се лесни, но, сепак, потенцира, и гарантираат сериозна иднина и на Македонија и на Регионот.

- Во вакви околности можам да кажам дека кога преку договор земате обврска да смените уставно име на сопствената земја, тоа претставува чувствително прашање, но охрабрено заради придобивките, веруваме дека испишуваме значаен момент и од европската историја кој ќе биде потврден со огромно мнозинство на претстојниот рефрендум, рече премиерот Заев.

Зоран Заев додаде и дека е подготвен да ја понесе политичката одговорност доколку референдумот не успее:

- Како премиер имам мандат до декември 2020 година, ако падне референдумот и не успее веројатно завршуваме ние со нашите политики. Но зошто би ни била потребата од владеење кога државата наша нема да има иднина, истакна Заев.