Силна поддршка за успешен референдум, за евро-атлантска иднина на Македонија добија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешниот состанок со учесници на конференцијата што познатиот институтот Аспен ја организира во Скопје.

Во делегацијата имаше учесници од Германија, Велика Британија и од сите земји од регионот, меѓу кои и пратеници, претставници од министерства за надворешни работи, од универзитети, невладини организации, медиуми.

На средбата, информираат од владината прес-служба, е изразена голема поддршка за храбрите и лидерски чекори на премиерот Заев и на Владата, што водат кон решенија. Изразено е очекување за успешност на претстојниот референдум, со што Македонија ќе ги обезбеди своите евро-атлантски интеграции, но, како што беше нагласено и стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Република Македонија се наоѓа во важен момент во којшто нема место за национализам и политички интереси, бидејќи е во прашање безбедноста, сигурноста и развојот на државата, но и на целиот регион, е порачано на средбата.

Премиерот Заев рече дека по 27 години, оваа Влада и генерациите на денешнината се охрабриле да прават чекори напред, низ пријателства, достоинствени одлуки, низ реформи што обезбедуваат нови инвеститори и работни места и владеење на правото, ставајќи ги државните интереси и интересите на своите деца над личните и партиските интереси.

- Силно верувам во одлучноста на граѓаните да носат правилни одлуки и дека ќе ја осигураат евро-атлантската иднина на Македонија. Очекувам успешен референдум, затоа што го гледам расположението на граѓаните на теренот кои сакаат да обезбедат добра иднина за себе и за своите деца, во родната земја. Се надевам дека и сите политички субјекти ќе се надминат себе си и ќе донесат одлуки во насока на успешност на референдумот и членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, рече премиерот Заев.

Сите учесници во дебатата на средбата изразија надеж дека во Македонија ќе се спроведе успешен референдум што ќе придонесе кон позитивни развојни процеси на целиот регион и спречувајќи неизвесна иднина и можни ризици од неа.

На средбата беа разменети мислења и за други актуелни политички прашања, во насока на стабилен, безбеден и интегриран Балкан.