Не ми се допаѓа што морам да кажам ПЈРМ, но се надевам дека наскоро ќе можам да кажам Северна Македонија, порача денеска еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, по средбата со премиерот Зоран Заев.

Во контекст на реториката што деновиве интензивно се повторува од странските фактори , дека е важно да се излезе и гласа оти ова било историска шанса за земјата, Хан се надоврза: сегашната генерација имала уникатна можност да одлучува за подалекусежните придобивки на земјава. И за разлика од неговите остри позиции од пред 4 дена, кога кажа дека „ако не помине референдумот следи изолација -ќе ни се затвори европската врата можеби засекогаш“, денеска со различна порака:

- Каква и одлука да донесете ЕУ останува посветена на вас. Изминатите неколку недели Скопје стана најпопуларната дестинација за политичарите од целиот свет. Ова е доказ дека многу се цени Договорот што го постигнавте со Грција. Во светот има многу конфликти, а ова е редок пример на решавање на таков конфликт. Затоа целиот свет го поздравува овој чин , бидејќи тој станува пример дека може да се решат и други замрзнати конфликти во светот на овој начин, порача Хан.

Еврокомесарот не одговори на прашањето на новинарите дали овие посети не се мешање во внатрешните работи, истовремено додека постојат само декларативни обвинувања за руско влијание – без докази, како и зошто Брисел не ги почитува одлуките на Меѓународниот суд?

Реформите се приоритет

Иако според Хан преспанскиот договор и референдумот се најважни за европската перспектива, сепак призна дека не се гаранција за влез во Унијата. Скринингот што стартува на 27ми овој месец, ќе биде сложен процес, во кој не се доминантно важни правните рамки, ами имплементацијата што ќе треба да донесе подобар живот за граѓаните.

- Не е само поставување на законска рамка, туку, на пример, чистење на загадениот воздух, подобро живеење, и разни други конкретни мерки што ќе овозможат поквалитетен живот, нагласи Хан. Двојството на еврокомесарот и овој пат ја зголемува дилемата: што ако Македонија направи се што од неа се бара, а реформските процеси кои ги постави Прибе не се финишираат до јуни 2019? Премиерот Заев и денеска беше оптимист- датумот за почеток на преговорите со ЕУ ќе бил наш.

И Охридскиот договор беше услов за влез во НАТО, ама Македонија уште чека

Во меѓувреме, дел од политичарите потсетија дека преспанскиот договор што сега се става како основен услов за македонската евро-атланскна перспектива е само уште едно де-жаву. Охридскиот договор своевремено бил претставуван како главен клуч за влез во НАТО. И тогаш безусловно се упатувало дека единствената НАТО-иднина Македонија може да ја очекува ако го аминува рамковниот. Тоа се гледа и во извадоците од тогашните дневни весници што на својот Твитер-профил ги обкјави пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Антонио Милошоски. Еден од насловите во нив е „Рамсфилд: Членството во НАТО зависи од Рамковсниот договор“, како извештај по посетата на тогашниот американски секретар за одбрана Доналд Рамсфелд.