Со доближувањето и членството на Македонија во Европската унија ќе се слеат повеќе пари за локален развој на општините. Поддршката од ЕУ во сите овие години е голема и со пари од ЕУ фондовите изградени се патишта, пречистителни станици, водоводни и канализациони системи...., порачаа поддржувачите на референдумското „ЗА“ на вчерашните средби и трибини со граѓаните.

Тие нагласија дека бенефитите од зачленувањето во двата најмоќни сојузи се големи како од безбедносен, така и од економски план што ќе доведе до подобар животен стандард на граѓаните, подобри услови за живот во општините, подобро образование и социјална заштита….

- Ја добиваме шансата да бидеме дел од двата најмоќни и најуспешни сојузи, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска вчера од Радовиш, додавајќи дека Македонија секој ден добива околу 260 илјади евра неповратни средства од Унијата, но и дека како членка ќе може да искористи многу повеќе европски пари за улици, бизниси, подобро образование и подобра социјална заштита.

Најпатриотски чин, порача Шекеринска, е да направиме се Македонија да стане дел од ЕУ и НАТО - Ја добивме шансата да го надоместиме пропуштеното, ја добиме шансата Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ, нагласи Шекеринска пред радовишани.

Поддржувачите на референдумот посочуваат дека со доближувањето на Македонија кон ЕУ и зачленувањето во Унијата може да се очекува зголемување на европските фондови.

Министерот за финансии Драган Тевдовски од Битола потсети дека поддршката од ЕУ сите овие години е голема и оти со пари од граѓаните на ЕУ, во Македонија се реализирани многу инфраструктурни проекти на локално ниво.

За Тевдовски, големи се бенефитите од заченувањето во ЕУ и НАТО пред се од безбедносен аспект што, пак, е важно за инвеститорите кои би сакале да го прошират својот бизнис во Македонија.

- Кога инвеститорите донесуваат одлуки дали да инвестираат, ако тие знаат дека ние сме дел од НАТО тогаш ќе има прилив на странски инвестиции. Тоа го покажуваат и искуствата од државите во регионот, како на пример во Бугарија или во Црна Гора каде биле дуплирани инвестициите по зачленувањето во НАТО на тие држави. Со нови инвестиции ќе има нови работни места, а со тоа и работа за младите. Ќе има конкуренција која ќе врши притисок и ќе создава можности за да платите растат, нагласи Тевдовски во Битола.

Пораки дека Македонија се наоѓа пред историска одлука и дека граѓаните треба да ја зграпчат шансата што им се нуди упатија и високите европски дипломати кои вчера ја посетија Македонија. Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и британскиот државен министер за Европа и Америка, Ален Данкан порачаа дека на 30 септември граѓаните имаат единствена можност да ја определат својата, но и иднината на идните генерации.

- Тоа е можност што се нуди еднаш во животот. Одлуката ќе има влијание врз граѓаните, нивните деца и на идните генерации кои се уште не се ни родени. Референдумот е уникатна можност да се донесе важна одлука со далекусежни последици, порача еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со премиерот Зоран Заев во Скопје.

Информирајте се и искористете го демократското право на глас и слободен избор, особено младата генерација. Одете да гласате и одлучете за можностите кои ви се нудат, рече Хан.

Британскиот државен секретар Данкан изрази надеж дека граѓаните ќе учествуваат на референдумот и оти тоа ќе биде значен чекор напред за Македонија.

- Ова е одлука за вас и јас како министер на друга држава не можам да ви кажам што треба да правите, но можам да ве замолам да учествувате на реферндумот. Младите луѓе треба да сфатат дека се работи за нивната иднина и да разберат дека е чекор напред што ќе и овозможи на Македонија да се придружи на другите земји во НАТО и ЕУ, изјави вчера Данкан во Скопје.