Патот кон Европската унија и НАТО ги отвора вратите за инвестиции од странските компании во македонското земјоделство, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешните средби со земјоделци и претставници од бизнис секторот во општина Босилово.
Само по поканата на НАТО за членка во Алијансата во јуни годинава, Македонија има најава за 50 нови инвестиции во агро-секторот. Во таа насока ресорното Министерство подготвува јавен оглас за доделување слободно земјоделско земјиште во државна сопственост за површина над три хектари.
Огласот се однесува за реализација на нови инвестиции, како што се подигање нови насади и изградба на земјоделски комплекси.
- Огласот кој што се подготвува за доделување на државно земјоделство земјиште под закуп на три хектари ќе се однесува и на бизнис секторот односно на сите домашни и странски инвеститори коишто се заинтересирани за нови земјоделски капацитети. Условите под кои ќе се даваат површините е да се достави посебен деловен план за инвестиции и одреден број на вработувања. Нашата цел е секое слободно парче земја на државата да го ставиме во функција на земјоделците, на целокупната економија и максимално да ги искористиме сите потенцијали, изјави Николовски.
Усогласувањето со европските регулативи и перспективата Македонија да стане членка во Унијата резултира и на приливот на директни странски инвестиции, укажа Николовски, додавајќи дека само во првото полугодие од годинава нивото на вкупните странски директни инвестиции во земјава изнесува 327 милиони евра, што е три пати поголем од истиот период лани.
- Членството на Македонија во ЕУ и НАТО ја прави земјата привлечна и сигурна за домашни и странски инвеститори. Тоа значи повеќе инвестиции и повисоки субвенции, стабилен пласман, поголем пазар, сигурен откуп и повеќе приходи за нашите земјоделци, рече Николовски.