Ако за време на сите досегашни кампањи ОБСЕ/ОДИХР, на половина од кампањата излегуваше со извештаи за тоа како истата тече, досега од стартот на оваа нема оценка од набљудувачката мисија- единствена што на денот на референдумот ќе го мониторира гласањето.
Во меѓувреме, во отстуство на Антикорупциска комисија и Ревизија, како клучни институции кои треба да постапуваат по евидентирани злоупотреби и кршење на законите, едноставно премолчно се спроведуваат сите замисли, иако спротивни на законите, од страна на организаторите на кампањата во насока на убедувањето на гласачите да излезат и да гласаат „за“ на престојниот 30ти септември.
Па така до сега, никој не реагира за поттикнувањето на поткуп на гласачи што јавно од трибина во Крива Паланка како порака го испрати премиерот Зоран Заев, повикувајќи ги газдите на фирмите „да го одврзат ќесето и да ги почастат работниците со по една плата плус“. Нема реакција ни за тоа што граѓаните немаат увид како се трошат буџетските пари за кампањата, како и зошто владини министри се дел од истата истовремено додека вршат јавни функции - спротивно на Изборниот законик.