Премиерот Зоран Заев во текот на емисијата Топ тема каде што гостуваше заедно со своите двајца владини заменици, Радмила Шекеринска и Бујар Османи на прашање од публиката што според него значи успешен референдум и дали ќе си поднесе оставка во случај тој да не биде успешен тој истакна дека за успешен референдум може да се смета доколку на истиот постои „видливо“ мнозинство кои ќе излезат и ќе гласаат ЗА.
- Јас веќе дадов одговор на ова прашање и ќе го повторам истиот. Прво успешен референдум е апсолутно видливо огромно мнозинство кое што гласа ЗА или успешен референдум е апсолутно видливо огромно мнозинство кое што гласа Против. Бојкот не се калкулира никаде. Ако изгубам пошто јас сум ЗА секако дека ќе се повлечам. Ако победам, секако дека ќе продолжам, истакна Заев.
Но тука се поставува прашањето. Што е видливо мнозинство и како се мери? Која е методологијата и кои се критериумите за да некој измери видливо мнозинство? Зошто во Законот за референдум и други облици на изјаснување на граѓаните е запишано дека успешен референдум е само оној референдум на кој ќе се изјаснат 50% плус еден од запишаните граѓани со право на глас во избирачкиот список? Дали треба да се промени одлуката од референдумот во 2004 година за територијалната поделба каде што „видливо“ мнозинство гласаше против Законот но не се достигна цензусот па така Законот стапи на сила....
Република Македонија според Уставот е правна држава каде што треба да се почитуваат Уставот, Законите и подзаконските акти. Па така, кога се воспоставувал правниот систем во Република Македонија, законодавецот не предвидел видливо мнозинство туку конкретно со бројки предвидел што значи да биде успешен референдумот. Исто како што позитивните законски одредби во Македонија не предвидуваат дека минималната плата треба да е видливо голема туку сума искажана во бројки, не предвидуваат дека во пензија се оди кога си видливо стар туку кога ќе навршиш одредена возрасна старосна граница, не предвидуваат дека полнолетен се станува кога ќе бидеш видливо пораснат туку на своите 18 години, не предвидуваат дека оружје со дозвола можеш да поседуваш ако си видливо подготвен за тоа туку е предвидена прецизна постапка и строги критериуми за поседување на оружје, не предвидуваат дека даноците се видливо големи или мали, туку се одредени конкретни проценти за нивната висина во зависност од тоа за кој данок се работи и така натаму...
Оттука заклучокот е едноставен: Или има цензус или нема. Се друго е силување на правната процедура и позитивните законски прописи.