Ако за време на сите досегашни кампањи ОБСЕ/ОДИХР, на половина од кампањата излегуваше со извештаи за тоа како истата тече, досега од стартот на тековната кампања нема оценка од набљудувачката мисија- која воедно е и единствената што на денот на референдумот ќе го мониторира гласањето.

Во меѓувреме, во отсуство на Антикорупциската комисија, која како клучна институција треба да постапува по евидентирани злоупотреби и кршење на законите, едноставно премолчно се спроведуваат сите замисли, кои иако се спротивни на законите, од страна на организаторите на кампањата се спроведуваат во насока на убедувањето на гласачите да излезат и да гласаат „за“ на престојниот 30ти септември.

Па така, до сега никој не реагира за поттикнувањето на поткуп на гласачи што јавно од трибина во Крива Паланка како порака го испрати премиерот Зоран Заев, повикувајќи ги газдите на фирмите „да го одврзат ќесето и да ги почастат работниците со по една плата плус“.

Покрај ова, нема реакција ниту за тоа што граѓаните немаат увид како се трошат буџетските пари за кампањата, ниту пак за тоа како и зошто владини министри се дел од истата истовремено додека вршат јавни функции – што е спротивно на Изборниот законик.

Кампањата е во самиот финиш, а овие 20-тина дена бевме сведоци на голем број рекламни пораки нарачани од носителот на кампањата – Собранието на Република, како и рекламни банери со различни големини и различни пораки пласирани во јавноста преку интернет порталите. Кој и како ги нарачал овие рекламни банери, останува сеуште нејасно за целокупната јавност, односно не постои било каква информација за тоа кој е нарачателот. Иако во Законот за референдум и други облици на изјаснување на граѓаните текот и начинот на кампањата не е прецизно уреден, сепак истиот упатува на изборниот законик, каде што јасно стои дека на секоја политичка кампања потребно е јасно да биде наведен нарачателот на истата.

Иако портпаролот на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски, после острите критики на јавноста за трошењето на народни пари за референдумска кампања на прес-конференцијата во Владата пред официјалниот почеток на истата истакна дека на сите медиуми (електронски, пишани и аудио и визуелни медиуми) кои уредно поднеле ценовници до Државната изборна комисија согласно нивниот Правилник ќе биде закупен медиумски простор за рекламна кампања за референдумот, сепак во практика се покажа дека само на одредени портали, најголемиот број блиски до владините политики, беа закупени позиции за медиумско рекламирање. Критериумите и методологијата за избор на портали на кои се агитираше за претстојниот референдум на јавноста не и се познати, ниту пак некоја од надлежните институции објасни како само одредени портали се подобни за референдумско агитирање преку рекламни банери.

Досега, ниту од невладиниот сектор, ниту од надлежните институции, ниту пак организациите кои ја набљудуваат референдумската кампања не излегоа ниту со критика или пак со информација за селективното трошење на буџетските средства во корист на агитирањето за позитивно изјаснување на референдумот.

На прашањата од Makpress.mk упатени до Собранието на Република Македонија, а во кои баравме одговори на прашањата според кои критериуми и методологија се одбрани одредени интернет портали на кој што се закупени рекламни позиции со банери поврзани со референдумот, дали во периодот од прес конференцијата на портпаролот на Владата до започнувањето со кампањата е оддржан состанок, средба или друг вид на комуникација помеѓу нарачателот на кампањата (Собрание на РМ) и обезбедувачот на финансиски средства (Влада на РМ) на кои се променети јавно соопштените позиции на Владата на РМ преку нивниот портпарол, зошто не е јавно објавен медиа планот од страна на Собранието на Република Македонија согласно најавите на Претседателот на Собранието Талат Џафери и зошто покрај информациите дека на порталите нема да бидат пласирани реклами за референдумот бидејќи тие не се законски регулирани е закупен медиумски простор, од Собранието се оградија дека тие не се закупувачи на рекламен простор на електронските медиуми:

„Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач и носител на медумската кампања, работи врз основа на Правилата усвоени од Координативното тело за медиумско покривање. Согласно Правилникот на ДИК за подготовка, организирање и спроведување на Референдум на државно ниво и Правилата за постапување на Координативното тело во врска со водење јавна пропаганда за Референдумот, се закупува медиумски простор во националните, регионалните и локалните радио-дифузери и во дневните весници, кои согласно утврдениот рок од ДИК 10 август 2018 година , доставиле ценовници до ДИК. Со 66 медиуми се склучени договори. На интернет порталите не се закупува простор и Собранието не е нарачател на материјали кои се објавуваат на порталите. Медија плановите се утврдуваат на дневна основа и се испраќаат до медиумите каде се закупува простор за посочените денови“, се вели во одговорот од Собранието на Република Македонија.

Тие додаваат:

“Собранието, по завршување на Референдумот ќе ги испочитува законските рокови и во духот на отчетно и транспарентно работење ќе изготви извештај за водењето кампања“

Но ние прашуваме: Ако тие не се овластени закупувачи на медиа просторот во електронските портали, тогаш кој е? Според кој Закон некој друг закупил медиумски простор иако за тоа е надлежно единствено Собранието на Република Македонија со оглед на тоа дека рекламите во интернет порталите се идентични со оние на кои што Собранието е нарачател? Кој ќе поднесе извештај за потрошените финансиски средства наменети за овој вид на рекламирање? Дали од истите финансиски средства обезбедени од Владата ќе се покријат и овие трошоци? Дали критериумот за реклами од буџетски средства е уредувачката политика или читаноста и уште голем број на други прашања кои произлегуваат од некоординираното водење на референдумска кампања со прекршување на правила, процедури и законски одредби како и фаворизирање на медиуми за кои две години слушавме како не треба да бидат условите на медиумскиот пазар во Македонија преку бомбите и преку „нема правда, нема мир“.

И за крај, ако ги најдеме одговорите на овие прашања ќе имаме надеж дека ќе живееме во Европска Македонија. А до тогаш ќе живееме во Република Македонија според Уставот или уште полошо, во Република Северна Македонија, според Уставот. Ф.Ѓ.