Децата бараат да им обезбедиме подобар живот, да растат во здрава животна средина, во безбедна и стабилна држава. Имаме обврска да излеземе на 30 септември и да помогнеме Македонија конечно да тргне напред. Иднината на твоите деца е во твоите раце и во твојот глас „ЗА“, порачаа поддржувачите на референдумот на вчерашните средби и трибини со граѓаните.

Министерот без ресор кој е одговорен за спроведување на стратегијата за интеграција на Ромите, Аксел Ахмедовски вчера од Делчево рече дека сме на прагот пред донесување историска одлука на која граѓаните треба да го дадат својот глас за држава по европски правила.

- Време е Европа да ја донесеме во Македонија. Не можеме да чекаме уште 27 години. Секој глас „ЗА“, носи подобра иднина и подобар живот за нашите деца. Имаме обврска да излеземе и да помогнеме Македонија конечно да тргне напред. Иднината на нашите деца е во нашите раце и во нашиот глас, порача Ахмедовски пред делчевци.

Премиерот Зоран Заев на вчерашната трибинa на коалицијата „Излези За европска Македонија“ во Крушево нагласи дека сите имаме обврска да излеземе и да помогнеме Македонија конечно да тргне напред.

Референдумот на 30 септември, како што истакна тој, ќе каже јасно во кој правец треба да се движи Македонија.

- На 30 септември носиме историска одлука. Нашиот народ и претходно носел историски одлуки. Овде во Крушево на Илинден ја создал првата република на Балканот и втората во Европа. Крушево ја донесе и девизата обединети во нашата различност. Ајде да и докажеме на Европа дека Македонија е Европа, рече Заев.

Нашата генерација, според премиерот, има чест да ја испише модерната историја и за неа да учат нашите деца и внуци.

- Доста младите ни бараат подобар живот во странство. Имаме можност да донесеме одлука која ќе им овозможи овде да можат да најдат подобар живот, потенцира премиерот.

Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Александар Кирацовски за време на вчерашните средби со граѓаните од Могила и другите пелагониски општини, посочи дека референдумот што ќе се одржи в недела е клучен чекор и затоа не треба да се седи дома, туку масовно да се гласа.

- Како генерација имаме обврска да и помогнеме на нашата Македонија да тргне напред. Ова, е одлука на нашата генерација. Клучен чекор за тоа е референдумот в недела. Во недела секој глас ЗА носи подобра иднина на нашите деца. Што и да направите в недела, порача Кирацовски, тоа трајно ќе влијае врз иднината на нашиот живот, но и врз иднината на државата.

Тој повика на масовно гласање кое, како што рече, ќе обезбеди иднина на европска Македонија.

- Недела не е ден за седење дома. Недела е ден за носење историска одлука. Недела е ден за гласање и затоа сите заедно одлучно да изгласаме за европска и перспективна Македонија, нагласи Кирацовски.

Премиерот Заев синоќа од Прилеп порача дека е време за одлука, за акција и за европска Македонија.

- Оваа одлука е една од најважните кои се носени во Македонија, воопшто. Затоа е битно да застанеме сплотени во тоа, за нешто што е родољубвство на сите. Затоа се обраќам до се уште неодлучните и до опозицијата дека се работи за нашата заедничка Македонија. Знаете дека подобар договор не можеше да се постигне и дека се работи за иднината на Македонија и за иднината на нашите и вашите деца. Сега имаме пријатели од целиот свет кои ја поддржуваат Македонија и кои поддршката ја потврдија со нивното доаѓање во Македонија, нагласи Заев.

Тој ги повика сите да излезат на 30 септември зашто, како што рече, ниту имаме друга алтернатива, ниту резервен план, а бојкотот е бојкотот на самиот себе си.