Веќе 27 години Македонија како да е во ров од кој нема можност да излезе. Нема суштински стратегиски развој. Дојдовме во ситуација кога се потребни радикални промени за да се придвижи тркалото, вели претседателот на Стопанската комора Македонија - Турција (МАТТО), Ајдован Адемовски, во интервју за МИА.
Адемовски смета дека и општеството и економијата се изморени. На земјата и се потребни мегапроекти со глобално значење во енергетиката, транспортот и индустријализацијата, а за тоа е неопходна долгорочна стабилност. Таква стабилност, пак, овозможуваат интеграциите, регионални или глобални.
На Македонија за три дена и претстои референдум. Што би значел за бизнис-заедницата евентуалниот позитивен исход од гласањето, а што ако референдумот на успее? Може ли да направите паралела меѓу тие две хипотетички ситуации и која би била Вашата сугестија во оваа насока со оглед дека се работи за услов за влез на земјава во ЕУ и во НАТО?
Денешниот свет функционира по принципот на споени садови. Ниту една национална одлука не е автохтона - самостојна, таа е условена со актуелната меѓународна политичка ситуација, констелација на надворешни и внатрешни интереси и, се разбира, од административниот капацитет на едно општество да ги реализира политичките одлуки што ќе овозможат општ развој на земјата.
Македонија 27 години нема суштински стратегиски развој на општеството - како да е во ров од кој нема можност да излезе. Во изминатиот период се соочи со изградба на државата, постојано беше изложена на разни наметнати политички збидувања, како што се санкциите од 1991 до 1995 година, бегалската криза во 1999 година, конфликтот во 2001 година, глобалната економска криза во 2008 година, опструкциите од соседите, а тоа влијаеше да се занимаваме со егзистенцијални прашања. Таа „лер” ситуација се одрази негативно не само на економијата, туку и на сите други аспекти од нашето живеење: образованието, здравството, културата, спортот... Директна последица од ваквата состојба е одливот на населението. Иако тоа е глобален тренд и го има и во развиените земји, кај нас, поради нашата големина, тој тренд остава последици што допрва треба да се согледаат. Дојдовме во ситуација кога се потребни радикални промени за да се придвижи тркалото.
Македонија 75 проценти од својата трговија ги реализира со ЕУ, а 75 проценти од вкупните странски инвестиции доаѓаат од земјите на ЕУ. Од 2005 година чекаме почнување на реализацијата на доделениот кандидатски статус на земјата. Од страна на НАТО, од 2003-та постојано ни се даваше надеж за прифакање, за во јули да добиеме официјална, но условена покана.
И општеството и економијата се изморени. Турскиот капитал во Македонија смета на приклучување на земјата и кон ЕУ и кон НАТО. Турција е членка на НАТО (1952) и е во Царинската унија со ЕУ (1995). Тоа го форматира и интересот на овој капитал за вакви интеграции. Функционирањето во заедничко опкружување - регулаторно и економско, создава сигурност за зголемување на економските и на другите активности. Трговската размена меѓу Турција и ЕУ изнесува 159,12 билиони американски долари, или 40 отсто од вкупната трговска размена со светот. Германија е прв ЕУ-трговски партнер на Македонија, а на Турција трет, со трговска размена лани од 37,5 милијарди евра, 7.500 турски инвеститори во Германија и три милиони жители со турско потекло.
Ова се економски факти, а ако имате развиена економија и другите бенефиции доаѓат сами по себе. На деловната заедница и на инвеститорите им е потребно сигурно, предвидливо опкружување. Секогаш, во кое било време или во која било држава, за суштинските чекори за напредок на нацијата е потребна цврста, брза и доследна одлука на владејачката гарнитура и институциите, како и подготвеност да се понесе одговорност за успех или неуспех. На земјата и се потребни мегапроекти со глобално значење во енергетиката, транспортот и индустријализацијата. За тоа треба стабилност, подолгорочна стабилност. Интеграциите, регионални или глобални, го овозможуваат тоа.
Затоа, успешен референдум нема само внатрешно политичко значење, туку и национално. Секој што има идеја за Македонија како меѓународно интегрирана земја, земја партнер со која може да се соработува во полн капацитет, треба да излезе на референдумот.
Релативно брзо пред референдумот имавме парламентарни избори. Колку ваквите „политички“ случувања се одразуваат врз интересот за инвестирање кај турските компании?
На инвеститорите кои не работат со ризичен капитал и ризични бизниси, политичката и правната сигурност им е предуслов за успешно работење. Да се инвестира тоа значи дека сте се определиле минимум една декада да бидете во некој бизнис на некоја локација. Вложувате финансии во недвижнини, технологии, природни ресурси и човечки капитал. Одвојувате дел од својот живот и здравјето. Очекувате дека непречено ќе работите. Секоја најавена политичка промена го забавува донесувањето деловна одлука - никој не ви гарантира дека условите за стопанисување ќе бидат исти, подобри или полоши. И вие чекате.
Во денешно време одлуките треба да се донесуваат брзо и брзо да се реализираат, инаку губите од конкурентност. Во Турција постои интерес за Македонија и регионот. Турските компании ценат дека се работи за перспективна дестинација, за грлото кон западните пазари. Економската политика на Турција јавно ја дефинираше Балканот како трговска дестинација - најмалку како потрошувачки пазар чии ресурси можат да бидат дел од доставувачки синџир за трети пазари.
Постојано јавно укажувате на потребата од целосна либерализација на трговијата меѓу Македонија и Турција. Може ли да ни кажете во бројки, колкави се досегашните „штети“ од овие ограничувања?
Кога зборуваме за либерализација, зборуваме за земјоделско-прехранбениот сектор, бидејќи тој не е либерализиран -преференцијалната размена е во рамките на земјоделско-прехранбените концесии. Македонското земјоделско производство, за жал, е толку мало што не може да го загрози турското. Не треба да постои став за либерализација во овој сегмент, бидејќи тоа ќе ги поттикне турските вложувања, што ќе влијае на проширување, реорганизирање и осовременување на производството.
Турскиот потрошувач секогаш со задоволство би купил македонски производ. Во таа смисла со „Рамстор“ направивме пробив на ајварот во маркетите на „Мигрос“ во Турција. Зошто не би можеле тоа да го сториме и со јагнешкото, пастрмата, сирењето, кочанскиот ориз и други производи. Не треба да се забораваат и потрошувачите со турско потекло од цела Европа и други континенти.
Значи, либерализацијата ќе ги зголеми извозните перформанси на македонското земјоделство и на македонската прехранбена индустрија.
Процените се дека размената меѓу Македонија и Турција од актуелните 400 милиони долари може да достигне една милијарда. Во кои сектори е најголем потенцијалот за соработка, увоз и извоз?
За време на посетата на премиерот Зоран Заев на Турција во февруари годинава беа посочени енергетиката, земјоделството, индустријата, градежништвото и инфраструктурата, но и одбраната и безбедноста, како сектори од интерес за инвестирање и продлабочување на економската соработка. Македонската Влада треба да се обиде да го отвори информативниот дијалог со TURK EXIMBANK, во кои сегменти би била можна поддршка. Таа е сега повеќе ориентирана на поддршка на малите и на средните претпријатија за градење извозни капацитети, но секогаш има место за размена на мислења на тема поголеми проекти.
Споредено со седумте месеци од минатата година, нашата размена изразена во долари е зголемена за 25,3 отсто. Толку пораснал и извозот, а увозот за 23 проценти. Не треба да се заборави ни заедничкиот настап на трети пазари.
Со замена на постојниот Протокол за потекло (1.8.2018) со Протоколот за потекло од Регионалната конвенција за Паневромедитеранските правила за потекло на стоки (ПЕМ) се создаваат услови за дијагонална кумулација на потекло на стоки со Турција, ЦЕФТА и ЕУ, а наскоро и со ЕФТА. Доколку Македонија ги склучи договорите за преференцијална трговија со Алжир, Мароко и Тунис, земји со кои Турција веќе ги има склучено, би се овозможило користење на ПЕМ-конвенцијата во полн капацитет и во однос на тие земји. Јапонија ја препозна Турција како професионална поддршка за настап на африканските пазари. На 19 септември годинава 250 јапонски компании имаа средби во ДЕИК на таа тема - заеднички настап во Африка.
МАТТО ја искажа потребата, но и заинтересираноста од отворање слободна економска зона во Гевгелија. Дали досега разговаравте со надлежните институции за реализирање на ваквата идеја и што, според Вас, ќе значи евентуалното отворање ваква зона?
МАТТО веќе неколку години ја промовира иницијативата за основање технолошко-индустриска развојна зона на југот од земјата, за која турските компании имаат интерес - да го преселат производството наменето за ЕУ. Близината на Коридорот 10, Солунското пристаниште, вклопувањето во проектот Патот на свилата - патот кон средноевропските и западните пазари е предизвик за релокација на турските производители, извозници во Македонија. Тие се дел од глобалните синџири на додадена вредност и физичкото доближување до тие пазари влијае врз глобалната конкурентност.
Од турска страна имаме конкретни интереси за изградба на 20 производни објекти. Тоа значи во период од пет години, етапно, покревање на производството за трети пазари и отворање околу 5.000 работни места. Имаме и студија за оправданост. Ја информиравме и новата Влада, како и претходните.
Мирјана Чакарова