Во дебарскиот регион, односно општините Дебар и Центар Жупа референдумското изјаснување мина без никакви проблеми.

Избирачкитте места навреме беа отворени во 7 часот наутро и затворени вечерва во 19 часот.

Излезеноста до 18:30 часот во општина Дебар изнесува 36,1 отсто, додека во општина Центар Жупа 25 отсто.

- До 18:30 часот правото на глас во нашата општина го искористија 6.630 лица од вкупно запишаните 18.318 граѓани. Се гласаше на 27 избирачки места и се мина во најдобар ред. Вчера гласаа 22 болни изнемоштени лица, вели Елмира Бакали претседателка на Општинската изборна комисија во Дебар.

Задоволство од мирниот референдумски ден искажа и Еран Зубер, претседател на ОИК за Центар Жупа.

- Во Единствениот избирачки список во нашата општина запишани се 6.686 граѓани со право на глас. Тоа право до 18:30 часот го искористија 1.676 лица. Се гласаше на 16 избирачки места. Кај нас вчера немаше гласање, бидејќи не беше доставена пријава за гласање на болни и изнемоштени лице, вели Зубер.

Повеќето избирачки места во двете општини во текот на денот беа посетени од претставници на Мисијата на ОБСЕ/ОДХИР и на граѓанската асоциација „Мост“.