Изборниот процес во Тетовско помина во мирна и демократска атмосфера со мали технички пропусти. Излезеноста, според Артан Адеми, претседател на Општинската изборна комисија, до 17 часот изнесува 33 отсто.

- Излезеноста е поголема во планинските села во општина Тетово, додека во урбаните средини, односно градот Тетово таа е помала. Очекуваме до крајот на изборниот ден излезеноста да се зголемува. Воглавно денот помина без посериозни нарушувања, изјави Адеми.

Кај дел од избирачките места забележани се мали технички пропусти каде гласачите не можеле да се најдат на Избирачкиот список, но во текот на денот проблемот, според избирачките одбори, бил надминат.

Најмала излезеност до 17 часот има регистрирано во општина Брвеница каде изнесува 23 отсто, а во општина Теарце 24 отсто. Во општина Јегуновце излезеноста е за еден процент поголема.