На референдумот гласаа повеќе од 650 илјади граѓани и повеќето од 90 отсто гласа „за“.Со тоа порачаа дека Македонија треба да го прифати Договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ, порача вечерва премиерот Зоран Заев.

- Сега кога имаме мнозинска изразена волја време е пратениците во Собранието да го следат гласот на мнозинството со цел да ги забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и да обезбедиме подобра иднина. Гласот на граѓаните е јасен повик до нив да му се приклучат на процесот и да работат за заедничката цел. Ги повикувам сите одговорни лидери, секој пратеник да се обединиме и да ја одведеме Македонија таму каде што припаѓа во ЕУ и НАТО, рече Заев.

Апелираше до опозицијата и до сите политички партии да се обединат околку државниот и националниот интерес и да ги тргнат настрана теснопартиските интереси.

- Знам јас, знае опозицијата, а знаат и граѓаните дека подобар договор со Грција нема и неможе да има. Членството во НАТО и ЕУ нема алтернатива и не може да има. Да не си играме играчки со нашата иднина и со нашата Македонија, рече премиерот Зоран Заев.

Ова е време, рече, кога пратениците со својата одлука треба да ја направат Македонија подобра земја. Во споритвно единствена друга демократска алатка што преостанува се предвремени парламентарни избори веднаш, нагласи премиерот Заев.

Одговорајќи на новинарско прашање, Заев, истакна дека очекува во текот на оваа недела да биде познато дали ќе имаат дво третинско мнозинство во Собранието.