Во 1991 година над 95 проценти од граѓаните на Макаедонија се изјасниле за независна и суверена држава. Како сега околу 600 илјади, кои вчера гласаа „за“ можат да ја урнисаат одлуката на преку 1 милион и 90 илјади? Законски ниту овој референдум, според слабата излезност може да има таква легитимна сила, ниту пак собраниската процедура за промена на Уставот што сака да ја спроведе Заев.

Поддршката за договорот вчера се покажа помала дури и од гласовите што во 2014 година ги доби претседателот Ѓорге Иванов, односно 534 910 - бројка која токму СДСМ ја цени како нелегитимна за Иванов да биде шеф на државата. Како тогаш вчерашната поддршка за премиерот има воопшто легитимитет?

Дека силата на излезноста е минимална, индиректно призна и првиот човек на ДИК, Деркоски, кој јасно кажа дека условот за успешен референдум не е исполнет. Тоа прецизно е предвидено во членот 30 од Законот за референдум, во кој стои дека референдумските одлуки се сметаат за усвоени ако за нив гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список. А вчера во Македонија гласаа само една третина.