Германскиот фудбалски сојуз започна истрага за инцидентите предизвикани од приврзаниците на Херта Берлин за време на натпреварот на клубот со Борусија Дортмунд во саботата.
Дисциплинската комисија денеска испрати писма до двата клуба, барајќи ги нивните ставови за проблемите што се случија на стадионот. Навивачите од Берлин се судрија со полицијата на самиот почеток на натпреварот откако подигнаа транспарент, а како резултат на судирите, 45 лица беа повредени и примени на лекување со различен степен на повреди.
Инцидентот повторно ја покрена дебатата за дозволување на пиротехника на стадионите, однесувањето на публиката, контролата врз нив и остварувањето на превенција.
Во заедничка изјава на навивачите од Дортмунд и Берлин беше осудено однесувањето на полицијата и обвинети беа токму полицајците за проблемите и немирите.
Но, спортскиот директор на Херта, Михаел Прец, не се согласува со тоа.
– Чудно, многу чудно е да го дознаам сето ова. Некој да ми објасни како може да испровоцира насилство и потоа да очекува полицијата да стои мирна и да не реагира, вели Прец.
При немирите беа повредени 45 навивачи на Херта, како и шестмина полицајци.