Претседателот на Баерн (Минхен), Ули Хенес инсистира на лична средба со Јоаким Лев, откако селекторот вети дека повеќе нема да ги вика во репрезентацијата Жером Боатенг, Матс Хумелс и Томас Милер. Тројцата Баварци беа многу разочарани и не се согласија со одлуката.
– Решив да разговарам за ова прашање со Јоги во четири очи, рече Хенес, не давајќи детали.
Пред една недела шефот изгледаше доста лут, но објасни дека ќе молчи за да не ја уништува атмосферата пред реваншот против Ливерпул во Лигата на Шампионите.
За елиминацијата од Англичаните, која дојде по 1:3 на „Алијанц Арена“ во реваншот, претседателот на германскиот првак исто така, изрази разочарување од играта на тимот.
– Три месеци веќе се претставуваме многу силно, но во средата навистина бевме лоши, не се гледаше никаква желба. Но би било премногу да се каже дека Баерн не е силен во Европа, изјави Хенес.
Вчера, тимот на Нико Ковач го порази Мајнц 05 со 6:0 по три гола од Хамес Родригез. Се уште не е јасна иднината на играчот од средниот ред, кој е позајмен од Реал Мадрид. Во договорот има клаузула за откуп од 42 милиони евра, а Баварците имаат предност при носење на одлуката – односно, Шпанците не можат да го блокираат можниот договор.
Досега, сепак, во Минхен сè уште се мислат што да прават.
– Треба да донесеме одлука. Генерално, Хамес е одличен фудбалер. Но, тренерот, исто така, ќе мора да го даде своето мислење, заклучи Хенес.