Во тимот на Ливерпул можат да се пофалат со голем број на достигнувања на некои од своите ѕвезди по убедливата победа со 5:0 над Хадерсфилд, со која „црвените“ се вратија на врвот во Премиер лигата пред дуелот на Манчестер Сити со Барнли.
Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах постигна 2 погодоци за победата и така стана број 1 во клупската историја по голови во првите 100 натпревари за тимот. Тој постигна 69 гола за овој број дуелии, откако ги надмина 68-те на Роџер Хант (1959-69 година) и Сем Рејбоулд (1900-07). Исто така, тој е само третиот играч со црвениот дрес кој има барем 20 погодоци во две последователни сезони од Премиер лигата. Пред него тоа го постигнале само Роби Фаулер и Луис Суарез. Египќанецот има 21 гол во англиската елита досега во оваа кампања.
Вториот гол на Садио Мане за вечерта, пак беше под број 300 за Ливерпул во Премиер лигата под водство на Јирген Клоп. Најмногу постигна Салах – 52 погодоци, следен од Роберто Фирмино и Сенегалецот, 48 односно 43.
Ендрју Робертсон направи 2 асистенции во дуелот и така веќе има 11 асистенции во Премиер лигата сезонава – изедначен рекорд во историјата на натпреварувањето за дефанзивец. Енди Хинчклиф во 1994/95 и Лејтон Бејнс во 2010/11 исто се евидентираат со 11 асистенции за една кампања.
Алисон забележа 20-та „сува“ мрежа во шампионатниот дуел сезонава, со што стана само петтиот голман во историјата на Премиер лигата со барем толку дуели без примен гол во една кампања. Пепе Реина го постигнал тоа на двапати (2005/06 и 2008/09), а Петер Шмајхел (1994/95), Петар Чех (2004/05) и Едвин ван дер Сар (2008/09) – по еднаш.
Што се однесува на голот на Наби Кеита во 15-тата секунда, тоа е најбрзиот за играч на Ливерпул во Премиер лигата. Тоа беше и погодокот број 100 за тимот во сезоната.