Пожар во Градската општа болница „8-ми септември“ – избувнал во канцеларија во Ургентниот центар на болницата.

Според информациите од противпожарните екипи на терен нема повредени.

Командирот на противпожарната бригада од Тафталиџе, Влатко Симоновски рече оти бил пријавен околу 22.20 минути, а на терен се гаснело со две возила и 5 пожарникари.

Причина на пожарот е стара инсталација, вели за Алфа директорот на ГОБ ,,8 -ми Септември” Христијан Костов.

Пожарот настанал во подрумските канцеларии каде што се наоѓале архивски документации од пациенти, што датираат од 1945 година.

-Пожарот не се проширил, нема повредени, а во однос на штетата, освен искршени прозорци, поради чадот од пожарот, а и мал дел, 20-тина изгорени картони, нема, поради брза реакција на вработените во болницата кои веднаш интервенирале со ПП апарати, вели Костов.

Тој појаснува дека иако делови од болницата се реновирани, овие подрумски простории и инсталацијата се стари и дотраени.

Директорот уверува оти немало опасност пожарот да се прошири, и да зафати дел од болничките соби.