Познатиот вирус ме „посети“ и сметав дека имам обврска да го објавам тоа. Добар сум, со оглед на тоа дека ги преземам сите неопходни мерки и сум дисциплиниран за упатствата од лекарите. Истото им го препорачувам и на моите сограѓани. Побрзо оздравување за сите нас, напиша сопственикот на атинскиот фудбалски клуб Олимпијакос и на медиумската куќа „Алтер его“, Вангелис Маринакис кој ја информираше јавноста дека е заболен од коронавирусот.
Веднаш после неговата објава, фудбалерите на Арсенал кои одиграа двомеч против Олимпијакос во Лигата на Европа беа ставени во карантин, почитувајќи ги препораките на Британската влада за 14-дневна изолација.
Иако опасноста по фудбалерите на Арсенал е минимална бидејќи возвратниот натпревар од нокаут фазата во Лигата на Европа се одигра во Лондон пред речиси две недели, сепак превентивно „топџиите“ ќе останат во карантин уште неколку дена а дуелот против Манчестер Сити кој викендов требаше да биде одигран е одложен.
Според последните информации, Олимпијакос треба утре да го пречека тимот на Вулверхемптон во првиот нивни натпревар од четврт-финалето на Лигата на Европа, а мечот засега не е прогласен за натпревар од висок ризик бидејќи УЕФА соопшти дека истиот ќе се одигра пред празни трибини.