Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата за пратеници во четвртата изборна единица во дуелот со потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска во емисијата Само вистина ја елаборираше моменталната ситуација во целата држава во однос на ветувањата кои власта ги даваше на минатите избори, односно преку примери потенцираше дека речиси ништо од тоа што ветија не е исполнето.

- Јас мислам дека ќе имам најлесна задача од сите шест носители на листи на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи имам лесен противник во четвртата изборна единица иако тој е претседател на СДСМ и поранешен премиер. Тоа е така, бидејќи ништо не е направено во четвртата изборна единица, оној план кој што беше наречен план за живот стана план за корупција, измами и кражби а тоа најдобро се гледа во ИЕ 4. На пример, не можете нормално да стигнете до Прилеп затоа што ветениот експресен пат Прилеп - Градско кој почна да се гради уште пред 2017 година е запрен а постојниот пат не е баш во функција бидејќи имате семафори на секои 30 метри. Или на пример автопатот кој што требаше да биде од Скопје до Струмица застана кај Штип и од Штип до Радовиш речиси и да не се гради, вели за моменталната состојба со проектите и ветувањата на власта во изборната единица 4 каде што Николоски ја предводи пратеничката листа.

Николоски истакна дека добро ја познава ситуацијата во сите изборни единици и наброја неколку работи од ИЕ 5 во која што Шекеринска е носител на листата за пратеници.

- Иако сум носител во изборната единица добро ја познавам ситуацијата низ цела држава. Ќе набројам само неколку работи од изборната единица 5 каде што Шеќеринска ја предводи пратеничката листа. Им оставивме започнат автопат Кичево - Охрид три години не го чепнаа. Бараа милиони изговори за да денес гледаме дека на истиот расте трева. Сите кои гравитираат во тој регион колите ги искршија затоа што и стариот пат е уништен а новиот не е направен. Болницата во Кичево е ужас нема друг збор. Во Струга освен што има градоначалник нивен коалиционен партнер, ништо не е мрднато. Во Охрид костозглобната болница која требаше да се спои со кардиолошката болница каде што застана во 2017-та година таму е и денес. Ниту пак во Битола е чепната болницата а од нов стадион нема ни С. Градот тоне и секоја година илјадници жители си ја бараат среќата ширум светот.

За четворката. Најниска цена на тутун годинава и најмногу спуштени класи на тутун затоа што пред да се распушти собранието мнозинството предводено од СДСМ донесе Закон со кој може да се увезува тутун со цел да ја соборат цената и маката на домашните земјоделци. Цената на краставицата рекордно најниска. Зошто, заради тоа што дозволија увоз од Албанија, Цената на компирот исто така. Домати веќе не се садат заради тоа што зелената мафија во соработка со СДСМ и оваа власт продава кило расад за домат поскапо од „кило“ злато. Јас знам дека на луѓе кои живеат во центар на Скопје ова и многу не им значи но им значи на оние кои од тоа живеат. Нула странски инвестииции и нула домашни инвестиции во изборната единица 4. Таа е вистината за Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ во својата програма ќе понуди над 1000 квалитетни проекти со кој на граѓаните ќе им се подобри економската состојба, ќе им се олесни секојдневниот живот и ќе им се врати гордоста, Ние сакаме да им се обратиме на оние луѓе кои имаат распукани раце од мака, сакаме да им се обратиме на младите кои што гледаат да заминат, сакаме да им се обратиме на пензионерите кои што го губат достоинството, на работниците кои се мислат дали утре ќе имаат работа или не, на малите и средните бизниси. Тоа се луѓето од кои ние ја очекуваме довербата односно тоа се понижените и прегазени луѓе од оваа власт овие три години, кај кои што револтот и гневот е голем истакна Николоски.

Во однос на инфраструктурните проекти, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги спомна сите оние капитални инвестиции за кои владата на СДСМ речиси и со прст да не мрднала.

- Знаете зошто патот не се гради од Прилеп до Градско. Затоа што шпанската фирма која требаше да го гради била предмет на уцена со кој подизведувачи да работи и колку провизија треба да исплати на директорот за патишта кој што исто така е од Струмица. Затоа е раскинат договорот и не се гради. Јас знам дека во отсуство на проекти и работи СДСМ сака да се враќа на минатото и да збори за ланскиот снег. Еве конкретно кога зборуваат за автопати да ги потсетам дека три години не можеа една бела линија да нацртаат на автопатот Скопје - Штип а на другиот, Охрид - Кичево, трева порасна и не мрда автопатот. За три години нема ни пруга до Бугарија, нема експресен пат од Струмица до бугарска граница, нема автопат од Прилеп Битола, нема автопат од Охрид до Пештани, нема автопат Гостивар-Кичево. За жал таа е вистината за Македонија, заклучи Николоски.