„Преземање” се прави на корпоративен ентитет, функцијата во политиката се добива преку демократски методи, вели секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, откако градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев , претходно во интервјуто за неделникoт Фокус најави дека ќе ја преземе партијата.

„Постојат повеќе видови на преземања коишто ги познава современото корпоративно управување. За разлика од корпоративниот свет, во науката за политиката и политичката пракса статусот/функцијата во демократските земји се добива преку демократски методи. ‘Демократија’ и ‘преземање’ се веројатно два најдалечни поими во еден современ политички систем. Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво туку политичка партија. Оттука, легитимитетот го дава и го одзема највредниот дел од партијата – членовите“, напиша Муцунски на фејсбук.