Коалицијата СДСМ-ДУИ не е за напредок на државата, туку за продолжување на лагите, криминалот и корупцијата.

Коалицијата СДСМ-ДУИ е за продолжување на матните тендери, распродажба на државните интереси за сметка на личното богатење.

Македонија нема да види преродба туку стагнација, проблеми и продлабочување на поделбите.

Се што ветуваа пред изборите сега не важи. Заев за ДУИ сметаше и изјавуваше дека пет пари не вреди, дека време им е за опозиција, дека во Мала Речица било седиштето на криминалот. Потпретседателот на СДСМ Зекири сметаше дека ДУИ е канцерот во македонското општество. А од ДУИ сметаа дека СДСМ ги интересира само тендери и дека ја лажат македонската јавност.

Денес имаме коалиција меѓу СДСМ и ДУИ за заштита на тендерите, бизнисите и криминалот. Денес имаме значи коалиција за влада која не вреди 5 пари, која е канцер на македонското општество и која е извор на криминалот.

Она што ги обединува коалицијата СДСМ ДУИ е криминалот, корупцијата и лагите. Се што ветуваа пред изборите нема да биде исполнето.

Уште сега јавноста треба да знае дека не чека уште поголема економска криза, затоа што една милијарда евра наместо за спас од Ковид кризата ја потрошија во изборен поткуп.

Исто така европската иднина на државата ќе остане далечна, затоа што со криминал и корупција нема европска иднина.

Правдата за оние кои се огрешиле спрема законот ќе остане недостижна и далечна, а ќе продолжат бизнисите и личните интересите.

Воедно законот за потекло на имот кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесе треба да започне од врвот на СДСМ. Да види јавноста како од просечно земјоделско семејство Заеви станаа мултимилионери. Како луѓе од раководството на СДСМ стигнаа до палати во центарот на градот, го зголемија имотот со бизниси, хациенди и луксузни возила.

Овој закон СДСМ и Заев не го сакаат затоа што тој се однесува против нивното богатство спечалено на грбот на народот.

И на крај, ним им треба 100 дена премиер албанец за да ДУИ тоа го прогласи за некаков успех, а Заев да може црните работи и отстапки да ги препише на тој премиер. Ова се работи кои ја прават уште неформираната влада нелегимна и без кредибилитет.

Прашање: Кој е вашиот став во врска со предлогот на Коалицијата СДСМ-ДУИ во односно на укинувањето на техничка влада?

Одговор: Зоран Заев и Али Ахмети не може еднострано да тргуваат со нешто кое создава права и обврски и за опозицијата и нешто што беше заеднички договорено со консензус од политичките партии од власта и опозицијата во тоа време. Инаку ставот на претседателот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и во минатото и денес е непроменет, односно дека техничката влада во ваков облик и форма е нефункционална и дека истата не треба да постои.

Пример за нефункционалноста е на пример кога министерот за внатрешни работи ќе апси луѓе кои што вршат поткуп а обвинителот ќе ги ослободува и истите за кратко време ќе ги видиме како се фотографираат со Зоран Заев или министер за внатрешни работи ќе донесе одлука и ќе именува професионалци, за истите од страна на владата да бидат заменети со партиски војници.

Сето ова точно е дека создава проблем со функционалноста и е мотив повеќе, политичките партии и од власта и опозицијата да донесат итно решение чија што задача ќе биде само спроведување на фер и демократски избори. Во спротивно ако со ваква техничка влада ни се случи ваков масовен поткуп, тогаш можеме да замислиме што би се случило на следните парламентарни избори со ваква полна влада на Заев и Ахмети.

Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ