Пратеникот и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев реагираше на фејсбук статусот на Љупчо Николовски во кој тој беше споменат од генералниот секретар на СДСМ.
- Здраво Љупчо, како си? Се разбира ова е куртоазно прашање, но следново не е. Ја опљачкавте државата до гола кожа, и сакате да бидеме мирни и смирени? Тоа е филм кој нема да го гледате. Што се однесува до вашата спонзорирана хотелска коалиција, ќе одговорам со прашање, како скопското крило во СДСМ, уште ли ќе ги лажете со функции и тендери кои редовно завршуваат кај Вице? П.С. – Нели е срамота мандатарот збор да не каже за земјоделците во своето експозе? Чисто да нотирам со кого си имаме работа, стои во неговиот пост на Фејсбук.
Претходно, Николовски на фејсбук го повика Јанушев да ги решат внатрешните партиски проблеми бидејќи на власта и била потребна стабилна и силна опозиција.
„Колега Јанушев, зошто навреди, омраза, желба за поделби уште веднаш? Зар сметате дека вака одиме напред? Не е подобро да најдеме заеднички јазик и да истуркаме некои работи заедно, за добро на народот, да имаме некој национален консензус по одредени теми?
Разбирам дека ВМРО-ДПМНЕ не живее денови кои ги сака и заслужува. Знам дека сте соочени со внатрешни проблеми и превирања, но вака ли ќе се решат истите? Искрен и пријателски совет до сите колеги во опозициската партија, решете ги несаканите ситуации, фокусирајте се на тоа.
Дозволете да почнат вистински демократски процеси, нема друг начин да се оди напред. А потоа, владиниот состав и СДСМ како партија ја очекува вашата соработка, партнерство, заедништво, за да продолжиме по европскиот пат кој го трасиравме и за кој се согласуваме дека е вистинскиот
Имаме многу работа и многу предизвици пред нас. Ни треба стабилна и силна опозиција. Не ни треба хистерија, омраза и поделби. Сфатете го мојот збор пријателски, како што е наменет. Овој однос сигурно нема да ви донесе резултати“, напиша Николовски.