Немам намера да си поднесам оставка за да му помогнам на СДСМ и Зоран Заев, изјави на денешната прес-конференција пред седиштетото на партијата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Ваквите теми, нагласи тој, само одат во прилог на оние против кого се бориме и додека сум жив ќе се борам против оние кои му служат на Зоран Заев.
Во однос на иницијативата за вонреден конгрес, Мицкоски рече дека таква иницијатива нема стигнато, ниту поднесено во архивата на партијата и оцени дека тоа е тема за да се прикаже ВМРО-ДПМНЕ слабо и се одработи исклучиво за СДСМ и Зоран Заев.
– Од она кое што можам да го видам, ги гледам истите оние луѓе кои што сега се гласни, за разлика од изминатите 32 месеци, кога беа тивки, кои што работеа и ровареа внатре во партијата. Ширеа поделба на членовите и молеа бога само ова ВМРО-ДПМНЕ да не успее, бидејќи беа силно заседнати во скутот на Зоран Заев и се молеа на неговата милост. Истите тие себе се нарекоа иницијатори и истите ги поканив да се качат во кабинетот да видиме на кој начин се поднесува иницијатива за свикување вонреден конгрес и кои би биле причините за тоа, изјави Мицкоски.
Изминатите месец и половина, посочи тој, оставив простор да видам предлог и алтернатива на луѓе кои, за себе, како што рече, си мислат дека се алтернатива и за ВМРО-ДПМНЕ и за Македонија, но такво нешто нема.
- Оние кои толку многу пати се огрешиле кон ВМРО-ДПМНЕ и кон народот не се никакво решение, туку завршена приказна. Товар кој мора да отпадне за да ВМРО-ДПМНЕ и народот победи. Тие не зборат за криминалот на власта, ама се со полна уста за опозицијата и ВМРО-ДПМНЕ. Тој пакт на криминалот и политиката кој е мафија во државата ќе биде поразен. Таа мафија, тој политички брак на власта и дел од тоа политичко криминално подземје кое се нуди за опозиција на опозицијата за да ја спаси власта, кое направи милиони за себе, со чиновничка плата, ќе биде поразено.
Хотелската коалиција или Зоран Заев не може да се иднината на Македонија. Или тие, или Македонија! ВМРО-ДПМНЕ припаѓа на народот, и на Македонија и нема да биде заробено од оние чиј капитал го направија на тие свети букви.
Македонија има јасна закана, и јасна цел, да ја собориме најпрво владата и мафијата која ја оддржува таа влада а потоа да си ја обновиме државата, додаде Мицкоски.