Одговарајќи на новинарски прашања, а во врска со најавената тужба против партијата од страна на јавната обвинителка Вилма Рускоска, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на денешната прес-конференција истакна дека добро е Рускоска да се занимава со криминалот на власта наместо со предизборните спотови на опозицијата.

Покрај толку многу скандали, покрај се она би рекол актуелно што се случува во државата, сметам дека Русковска навистина има односно треба да има полни раце работа, односно да се занимава со сите овие скандали кои што се случуваат во Република Македонија. Еве еден од последните и се уште актуелен е пропаѓањето на Еуростандард банка, до сега не видовме буквално ниту еден збор, ни коментар што е преземено или што планира Русковска да преземе имајќи го во предвид фактот дека огромни суми на пари се исплаќале токму на струмички фирми и тоа без покритие. Нека излезе Русковска нека каже нешто за тоа, нека постапи, а потоа ние како ВМРО-ДПМНЕ и како личности ќе одговараме затоа што ја кажуваме вистината.