Централниот комитет едногласно го одби мојот предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам и со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев се повлече од местото Генерален секретар на партијата, а Вело Марковски нов член на Извршниот комитет, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Посочи дека на вечерашната седница на Централниот комитет имале отворена дискусија за неговото речиси тригодишно управување со партијата.
– Јас на сопствено барање поднесов предлог за свикување на вонреден конгрес на кој што нема да се кандидирам. Централниот комитет, откако ја напуштив салата, го одби едногласно моето барање и не се согласи со ваквиот предлог. Со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам да раководам со ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Поради лични причини, нагласи тој, се повлече досегашниот генерален секретар на партијата Игор Јанушев.
Најави дека ќе продолжат протестите и во наредниот период, за кои, рече дека се елементарно право.
– За се што не се согласуваме ние имаме право да протестираме и ќе продолжиме да протестираме. Се додека овие самобендисани мафијаши во владата мислат дека се знаат ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе продолжи да протестира, изјави Мицкоски.