Гледаа и се задоволуваа со тоа што ги видоа лисиците на рацете на Јанкуловска. За тоа ли баравте правда, за тоа ли баравте мир?, праша Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ од протестниот марш на опозицијата кој се организираше поради неправдите и политичките одмазди и реваншизам кои власта ги спроведува во практика.

- Горде отиде во затвор, ама оваа иста власт, истава мафија го пушти на слобода убиецот на Мартин Нешкоски. Е тоа е мафија. Во овие два месеци ја зголемија цената наелектричната енергија, не затоа што се зголемени трошоците туку да има повеќе влечење на пари од универзалниот снабдувач, а потоа ќе ме малтретираат на телевизиски интервјуа во коалиција со универзалниот снабдувач затоа што тој плаќа, плаќа од нашите пари, народни пари за да можат да го напаѓаат лидерот на опозицијата затоа што тој протестира поради зголемената цена на електричната енергија, затоа што народот се пљачка, затоа што народот се тормози и навредува. Ете таква е правдата која што оваа мафија на СДСМ, заедно со корумпирана бизнис елита ја донесоа во нашата Македонија.

Да не зборам за оние тендери од 200-300 илјади евра доделувани на советничиња во власта, тоа стана ситна работа во споредба со главните пари на мафијата. Сето ова само за два месеци а обвинителството молчи. Се разбира обвинителството молчи, заспано е, затоа што неспорно тоа е дел од мафијата. Не може да постои мафија ако не постои обвинителство кое амнестира криминал и судство кое што ја помага мафијата. И нивната вина не е само со не казнување на криминалот туку и со произведување на криминал. И ова не го зборам на памет, истакна Мицкоски.