Бројките во Собранието покажуваат дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има 44 пратеници, додека Коалицијата Можеме по излегувањето на БЕСА и нивното функционирање како посебна пратеничка група има 42 пратеници, вели Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неговото гостување во емисијата „Само интервју“.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто ВМРО-ДПМНЕ не успеала да формира Влада, Мицкоски истакна дека во разговорите со ДУИ на почетокот отсуствувало момент на преговарање базиран на заеднички политики и платформи.
- Во тој момент, разговорите кои се водеа со ДУИ не беа на ниво да се разговара за формирање на Влада на база на политики и заеднички платформи. Мислам дека во тој момент не беше искрена намерата на ДУИ да направи влада со ВМРО-ДПМНЕ. Не мислам дека Договорите со Грција и Бугарија и Законот за јазици беа причината за некоалицирање со ВМРО-ДПМНЕ туку дека имаше други причини кои јавноста ќе ги види до крајот на годината, истакна Мицкоски.