Во Куманово вечерва се одржa протест на членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ против, како што велат од општинскиот комитет, криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот. Поради пандемијата, протестот се одржува со возила по централните булевари и улици во Куманово со полициска придружба.
– Нема да дозволиме под тепих да заминат сите афери коишто изминативе години ги предизвика оваа Влада, нема да дозволиме граѓаните да заборават на аферите на Рашковски, на Ден Дончев, парите предвидени за поддршка на стопанството да завршуваат до фирмите блиски на семејството Заеви, на Анѓушев, на поранешната министерка за финансии, Ангеловска без да има соодветна завршница, изјави претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието, Бране Петрушевски.
Тој рече дека оваа Влада ја задолжила државата преку една милијарда и сто милиони евра, пари кои биле правдани со вложување во справување со последици од Ковид 19. За жал, додава Петрушевски, Македонија е рекордер по бројот на заразени, стопанството тоне, граѓаните осиромашуваат. Како пример го посочи викендот без ДДВ, кој, како што рече, наместо Министерството за финансии дека ќе врати девет милиони евра, вратени ќе бидат само 1, 1 милион евра, што покажува колку граѓаните се сиромашни.
Вонредната состојба, изјави Петрушевски била злоупотребена за сè, освен за справување со кризата што се рефлектира со број на заразени и нагласи дека се испумпуваат пари не само од домашниот буџет туку и европски средства. Рече дека граѓаните се исмејуваат на социјалните мрежи, иако работата не е за смеење, додава Петрушевски, бидејќи големи суми пари завршуваат за тренирање магариња, фризерски салони, сирења. Тој ја обвини власта за прогон и политички реваншизам кон неистомислениците.
– Само од СВР Куманово преку 40 професионални припадници на Министерството за внатрешни работи со решенија се распоредени надвор од своите работни места, луѓе се ставаат на дисциплински постапки, им се врши мобинг и да не заборавиме за националното понижување кое стана заштитен знак за оваа Влада, покрај промена на името деновиве дозволија да се тргува со Гоце Делчев, идентитетските прашања, а заштитен знак е и затворање на неистомислениците со драконски казни како двајца наши сограѓани неосновано осудени за тероризам, рече Петрушевски.