Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи преку својот фејсбук профил упати отворено писмо до министерот за здравство Венко Филипче во кое го „фали“ за неговата работа и констатира дека согласно сите параметри сме „одлични“ во справувањето со ковид-кризата.
Во продолжение интегрален текст од нејзиното писмо:
- Отворено писмо до почитуваниот министер за здравство, Венко Филипче
На 19 октомври 2020 година, министерот за здравство, Венко Филипче изјави, цитирам: „Законот е веќе даден по скратена постапка. Законот за заштита на населението од заразни болести. А во тој закон се ВЕЌЕ ВМЕТНАТИ предлозите за задолжително носење на маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор и ограничувањето на семејни собири”.
Јас не знам за кој закон зборувавте вие на 19 октомври кога поднесовте Закон кој зборуваше единствено за надлежностите и задолжувањата на државниот и здравствен санитарен инспекторат и тоа единствено во поглед на рестрикции, казни и глоби. Настрана од дрската манипулација со јавноста, апропо овој закон, не изумивте да се обидете да ја портретирате и обележите опозицијата како деструктивна иако од почетокот на КОВИД кризата, па досега, таа покажа повторно и повторно дека приматот по ова прашање и е во грижата за граѓаните, нивното здравје, нивниот живот. Па еве јас денес решив со достатична доза на сарказам да покажам како би се однесувала кога јас би била деструктивна опозиција во 10 точки и тоа:
1. Господине Филипче, одлични Ви се алгоритмите за справување со КОВИД-19 кога еден граѓанин оди во изолација, неговото семејство кое се грижи за него останува слободно да се движи низ општините и слободно да се претставува како потенцијален трансмитер на КОВИД-19. Овој одличен алгоритам во континиум го зголемува бројот на заболени и за жал, смртни случаеви.
2. Господине Филипче, одлично е што тестови за КОВИД-19 има, но само доколку граѓаните имаат пари да ги платат приватно, инаку истите можат да чекаат во изолација, па за недела, две, три, можеби матичниот лекар и ќе може да им закаже тестирање доколку во меѓувреме не стигнат во модуларната клиника, оти кревети веќе нема. Одлично е и што најавувате брзи тестови веќе 5 месеци, а истите не можете да ги набавите, па ги набавија сите салони за тетовирање во Скопје.
3. Браво и за решенијата за изолација кои со врски стигаат 8 до 17 дена по изолацијата. Формално гледајќи доколку нема решение, нема рестрикција на движењето, па не сте вие виновни, туку е виновна совеста на граѓаните кои не седат во изолација.
4. Господине Филипче, епидемиолозите не мониторираат никого во изолација, па граѓаните може слободно самите да одберат кој чај ќе го пијат додека се во изолација. А побрзо од здравствена помош може да добијат само совет од Баба Рада.
5. Протоколи за КОВИД-19 во здравствените установи ќе да нема. Искуствено позитивна пракса ќе да нема. Па господине министер Филипче, за оние кои стигнале до болничка установа важи правилото на кој како му е среќата. Одлично господине Филипче, ако некогаш некој побара одговорност за последиците или недај боже смртност на член од семејството, криви се докторите.
6. Браво министер, за долговетуваниот Рамдесивир – лекот го добиваат само одредени, од одредена фиока, на одредена канцеларија. Епа секоја чест!
7. Се препраќаат пациенти со крајно тешка клиничка слика во Скопје. Тоа значи министре дека направивте реорганизација на капацитетите и човечките ресурси од цела Македонија.
8. Одлично министре што ги оставивте границите отворени, што не бараме тест за КОВИД-19 кога некој ни доаѓа во државата. Сите останати кои ги затворија границите и бараа тест за да се влезе во нивната татковина, се луди.
9. Одлични Ви се и хаотичниве мерки, карантин, некарантин, карантин, маски наутро, не навечер, кафеани до 23 часот, не до полноќ. Вакцините за грип си доцнат...
10. Одлично е и што има опрема за медицинските работници за еднократна употреба која се користи од 3 до 5 дена. Одлично е и што не се тестираат масовно, ниту дообучуваат за справување со КОВИД-19 медицинските работници и нивната смртност се сведува на нивна одговорност поради несоодветното користење на заштитните мерки.
Конечно господине Филипче, сигурна сум дека за сѐ е виновен Наќе Чулев и ВМРО-ДПМНЕ. На овој авион кој очигледно не знаете да го пилотирате, сме сите ние, сите граѓани и нашите семејства. Одлично умираме, почитуван министер Филипче!, стои во јавното писмо на Мизрахи наменето за министерот за здравство Венко Филипче.