Во своето гостување во телевизија Стар, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потенцираше дека Република Македонија се соочува со сериозни проблеми на полето на економијата, земјоделието и здравствената криза за да се коментираат луѓе кои на полноќ им текнува да организираат протести.
„Ние денеска наместо да зборуваме за 870 новозаболени, ние наместо денеска да зборуваме за нови 15 лица кои за жал го загубија животот поради неспособноста на Владата, за катастрофата во економијата, за дебаклот во образованието, за земјоделците кои што се буквално на колена и се плашат како ќе ја поминат зимата, ние сега зборуваме за политички естрадни уметници кои во 12 после полноќ пишуваат полноќни статуси и сега наместо за ова зборуваме за тоа. Обичниот граѓанин не го интересира дали ќе има конгрес, обичниот граѓанин го интереси дали неговата работа е стабилна, дали ќе имаме помалку заболени од КОВИД дали ќе имаме помалку починати од КОВИД, дали ќе добијат соодветно образование, здравствена нега, дали земјоделецот ќе добие навреме субвенции и откуп. Тоа се суштинските работи“, вели Мицкоски.
Мицкоски во своето гостување рече дека развојот на Македонија го гледа според компетенции и знаења, а не поради додворување кон етникуми.
„Кај мене етникуми не постојат, кај мене постојат граѓани. За мене претставува проблем и бариера кога зборуваме за привилигирани или непривилигирани, сите се подеднакви и јас сакам да напредувам во животот поради компетенции и јас така го гледам развојот на Македонија според компетенции и знаење, не го гледам спрема додворување кон етникуми за гласови“, истакна претседателот Мицкоски во своето гостување.
Мицкоски посочи дека на идните избори ВМРО-ДПМНЕ е партија која ќе ги победи СДСМ и Заев заедно со сите нивни политичари во политиката кои работат против ВМРО-ДПМНЕ.