Со транспаренти против загадувањето на воздухот во Струмица и за актуелни политички случувања во државата, членови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва пред општинската зграда го искажаа своето незадоволство од аерозагадувањето.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов во изјавата пред новинарите рече дека Струмица со регионот со депонии стана најзагадено место, а бројките се поразителни во состојбата на загаденоста на воздухот и во справувањето со пандемијата.

– Минатата година го прашавме градоначалникот до каде е со гасификацијата на Општата болница? Како може оџакот на болницата да биде причина за загадување, додека лечи респираторна пандемија? Ненародната влада очигледно не умее да се справи со состојбата и затоа треба да да ја потсетиме дека таа постои за граѓаните, а не граѓаните за власта, рече Ефтимов.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ја следи состојбата и предлага Владата веднаш да ги ослободи од работа бремените жени и хронично болните граѓани, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

Протестот заврши со оставање на транспарентите пред влезот во зградата на Општина Струмица.