По интезивниот и бурен ден со информации во однос на преговорите помеѓу Македонија и Бугарија во пресрет на одлуката за меѓувладина конференција, во вонредно видео обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара обединување на македонскиот народ околу црвените линии во однос на идентитетот, јазикот и историските личности како Гоце Делчев.

- Ова мое вечерашно обраќање ќе се однесува на преговорите кои што ги води македонската влада со владата на нашиот источен сосед, а поврзани со одржување на првата меѓувладина конференција која што македонските граѓани, македонската јавност заслужија да се одржи кон крајот на оваа година, конечно после неколку годишни лаги и измами кои што оваа мафијашка влада предводена од Зоран Заев ги говореше во јавноста.

Имено, она кое што деновиве го говорев, а беше поврзано со еден нов документ, кој што за време на посетата на нашиот министер за надворешни работи господинот Османи во Софија било побарано од неговата колешка Захариева да биде потпишан повторно помеѓу владите на двете држави, Македонија и соседна Бугарија, а истото тоа беше демантирано експресно и беше прогласено како лажна вест од страна на министерот за надворешни работи, но и од страна на Зоран Заев, денеска доби краен епилог, а тоа е дека практично сето тоа кое што го говорев дека постои такво барање беше потврдено од страна на вицепремиерот и министерот за одбрана на нашиот источен сосед, господинот Каракачанов.

Тој во денешното негово интервју јасно и децидно говори дека е потребен нов Анекс на договорот во кој што ќе бидат вклучени максималистичките и неевропски барања кои што беа содржани во меморандумот кој што го изгласа Бугарскиот парламент, таму некаде есента, ноември, октомври месец 2019 година.

За сето ова предупредував цело време, но истото тоа никогаш не беше сериозно сфатено и разгледано од страна на оваа мафијашка влада предводена од Зоран Заев и СДСМ. Исто како што предупредував дека висок бугарски политичар за време на сесиите кои што ги имаме во Брисел на Европската Народна Партија ме предупреди и ми гарантираше дека сето ова кое што е дел од меморандумот на Бугарската влада и буграскиот парламент е всушност ветување кое што тогаш го дал Зоран Заев како опозиционен политичар, велејќи дека само да стане премиер и сите недоразбирања ќе бидат решени.

Очигледно дека така лесно не иде.

Го користам ова мое вечерашно обраќање да се обратам до македонските граѓани, до македонската нација од која што ќе побарам обединување околу ова прашање бидејќи со идентитетските прашања, со нашата историја, со историските факти, со нашите корени како народ, како држава која што го бараше своето место под сонцето овде во срцето на Балканот, во Европа, за корените на македонскиот јазик нема преговарање. Тие се факт кој што е непобитен, истакна Мицкоски.