Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања истакна дека после сите катастрофи, национални, економски и здравствени потребно е да се размислува за формирање на Влада на национален спас, техничка влада, експертска влада или некоја друга форма.
- Јас можеби и сум виновен за тоа што Заев бараше евро за Вицето и евро за нешто друго. Којзнае за што уште нема да бидам виновен ако го слушате Зоран Заев и тие малкумина кои што се уште му останаа лојални околу него. Но, шалата на страна, работата не е за шегување. Работата е многу сериозна. Доведена е до знак на прашање европската перспектива на Македонија под раководство на Зоран Заев. Поразена е неговата политика на свиткана кичма, очигледно е дека доволно не ја свиткал кичмата. Гледаме денеска што ни се случи, очекуваме да нашите партнери од ЕУ го ревидираат нивниот став и веќе на министерско ниво или на премиерско ниво да го корегираат и Македонија без разлика дали оваа влада или некоја идна влада да го отпочне процесот на преговори со ЕУ. Бидејќи тоа се вредностите во кои што ние веруваме, и тоа се вредностите кои што ние ги заслужуваме да ги споделиме со нашите сограѓани Европјани. Но она кое што денеска ни се случи е уште еден доказ за националната катастрофа која што ја донесе Зоран Заев и на македонската нација, на граѓаните на Македонија без разлика на нивниот етнички состав, и на македонската држава. И во име на тоа најчесно би било тој и неговиот тим на политичари веднаш да заминат, да дојдат луѓе кои што ќе ја креваат Македонија од оваа положба во која што тие ја донесоа. Тоа е би рекол не граундзиро како што популарно се нарекува туку под тоа. За тоа веднаш да ги напуштат позициите и да организираат предвремени избори на кои што би можеле граѓаните во термин во кој што нормално здравствените услови ќе дозволат да се случи такво нешто, а веднаш сега можеби треба и да почнеме да размислуваме за една идеја која што ја почнаа од Алијансата за Албанците, а тоа е една Влада за национален спас, техничка влада или некој друг тип на форма.
Бидејќи ова се неспособни политичари, луѓе кои што гледаме не доведоа до бездната, не станува збор само за блокадата што денеска ја добивме, до вчера зборуваа дека блескаме и дека работата е под контрола со пандемијата, а денеска гледаме еден драматичен и трауматичен прес . поразена е политиката на Зоран Заев и во здравството, и во образованието одамна е поразена, а за друго не ни сакам да зборувам. Буквално нема што денеска да кажеме дека функционира во државата. За прв пат граѓаните се беспомошни и се чувствуваат дека системот не функционира, дека тонеме од ден во ден. Затоа веднаш да се седне, понудивме лидерска средба токму заради овие работи да ги разговараме, понудивме начин како да излеземе од сето тоа, еве начин веднаш да се седне и да разговараме да видиме како понатаму со нашата држава.