Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, попладнево оддржа средба со претседателите на партиите дел од коалицијата за „Обнова на Македонија“. Како дел од разговорите, Мицкоски во јавноста ги презентираше донесените заклучоци а во врска со позицијата на Македонија во преговорите со Бугарија.

- Водејќи се од државните и национални интереси на македонскиот народ и македонските граѓани, Имајќи ја предвид стратешката определба на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и останатите за интеграција на Македонија во Европската Унија, [photo]

Предизвикани од неспособноста на актуелната власт да ги реализира националните интереси и стратешките определби,

И свесни за значајноста на историскиот моментум наспроти тајноста, нетранспарентноста на процесот кој што го води актуелната власт и исклучувањето од истиот на сите политички и научни фактори,

КОАЛИЦИЈАТА ЗА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА

на заедничкиот состанок одржан на 16ти ноември 2020 година во Скопје донесе заклучок и ги усвои следните СТАВОВИ:

1. Коалицијата цврсто стои на уставната одредба за антифашистичкиот карактер на народно ослободителната борба, и остро се спротивставува на промени на Уставот кои значат негирање на антифашистичкиот карактер на народно ослободителната борба! 2. За коалиција- македонскиот јазик, неговите историски корени и антропологија, како и неговата признаеност се неспорен историски факт кој е потврден и признат од целокупната светска научна јавност и околу овој факт нема дискусија. 3. Коалицијата инсистира на признавање и почитување на македонското малцинство и неговите европски загарантирани права, а кое опстојува кај нашиот источен сосед и чие постоење е потврдено од страна на европски надлежни правни институции, како што е Судот за човекови права во Стразбур. Воедно го повикуваме источниот сосед да ги почитува одлуките донесени од овој суд, а кои се однесуваат на правата на македонското малцинство во Бугарија. 4. Коалицијата повикува на почитување на македонската историја и нејзината посебност. И се спротивставува на вештачката промена на улогата и карактерот на националните херои кои се бореле за слободна и независна македонска држава. 5. Коалицијата енергично потенцира дека македонскиот идентитет е неспорен и засебен, и има свој посебен историски, правен политички и културолошки развој. Кон овој став едногласно се придружуваат и припадниците на партиите од коалицијата кои што ги преставуваат етничките заедници кои се различни од македонскиот народ.

На средбата се истакна дека ВМРО-ДПМНЕ како наследник на историската организација ВМРО има историска одговорност и обврска да ги штити, зачува и промовира сите идентитетски обележја на македонскиот народ и сите етнички заедници во Република Македонија да се бори за нашата европска иднина. Сите останати партии од Коалицијата за обнова на Македонија се придружија и цврсто го поддржаа овој став.

Коалицијата за обнова на Македонија ја предупредува актуелната власт да не тргува со националните интереси, да не ги руши темелите врз кои е изградена модерната македонска држава, а кои се создавани од генерации, и да овозможи транспарентност и вклученост на сите партнери во овој процес и изградба на национален консензус за ова прашање. Во спротивно ќе се соочи со судот на народот, историјата и правдата.

Врз основа на горенаведеното и цврсто опстојувајќи на истото Коалицијата за обнова на Македонија ја повикува Република Бугарија да не ја блокира европската иднина на Македонија, туку напротив да ја поддржи истата и на тој начин да покаже вистинско пријателство помеѓу граѓаните на двете држави.

Коалицијата апелира до пријателите од Европската Унија, европската јавност и политичари да се вложат во отворање на пристапни преговори за членство во Европската Унија на Македонија и да им овозможат на македонските граѓани од сите етникуми да ја добијат европската перспектива и иднина кои што одамна ја заслужија со повеќедецениски дела и залагања, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.