Јас лично го предупредував министерот за здравство, Венко Филипче неколку месеци наназад за состојбите во штипската болница и недостатокот на кислород кој им е неопходен на пациентите заразени од КОВИД-19.
Филипче заедно со директорот ги игнорираа овие апели од мене и од јавноста и тоа за жал чинеше човечки живот. Знаеја дека има недостаток на кислород, не постапија и продолжија со мантрата дека се е под контрола.
Контролата одамна е изгубена. Загубен е човечки живот, прстот е вперен кон Филипче и затоа оставка веднаш.
Несомнено, случајот во Штип е приказ за состојбите во цела држава!
И наместо министерот за здравство да иронизира, а директорот на Клиничката болница во Штип дрско да се однесува со неистомислениците, време е и двајцата да преземат одговорност за злочинот кој го прават на граѓаните од Источна Македонија.
Власта остана глува на нашите неколку месечни повици за состојбите, поставување на ветениот монтажен КОВИД центар и конечно завршување на новата Клиничка болница во Штип, која 4-та година е во застој. Фејсбук сведоштвото на младата девојка која ја изгуби мајка си, поради нефункционирањето на системот и слабата организациона поставеност, даде причина повеќе овие двајца да ги напуштат функциите!
Овој двоец на менаџерски тим, четврта година ги оставаат граѓаните од Истокот без нова Клиничка болница и цела година без ветениот монтажен КОВИД центар. Ова придонесе, граѓаните да бараат спас за својот живот во скапото приватно здравство. Неодговорниот пристап на раководните структури и слабата организациска поставеност, допринесуваат секојдневно да броиме мртви меѓу роднините и пријателите, додека КОВИД профитерите заработуваат на грбот на сиромашниот народ.
Почитувани,
Вториот бран на пандемијата, покажа колку лошо се менаџира здравствениот систем во државата од страна на Филипче.
Време е и јавното обвинителство да го истражи третманот на пациентите во болницата во Штип, затоа што бројот на починати и заразени е застрашувачки.
Прашање: Како ВМРО-ДПМНЕ гледа на последниот предлог на спикерот Џафери за онлајн работа на оние пратеници кои се заболени од КОВИД-19 или се во самоизолација?
Одговор: Досега до нас како пратеници нема стигнато никаква иницијатива, ниту предлог за онлајн работа на Собранието. Нашиот став по однос на ова е веќе познат во јавноста, а тоа е дека ова работење е неуставно според членот 69 од Уставот на Република Македонија кој јасно прецизира дека Собранието на Република Македонија може да работи, да заседава и да одлучува со присуство на мнозинство пратеници од вкупниот број на пратеници. Така да ова е одговорот по однос на ова прашање која што ја засега целата македонска јавност.
Иван Јорданов, пратеник