Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил објави дека неговото гостување во Телевизија Телма „изненадно“ е откажано и потенцираше дека Македонија се враќа во ерата на комунистичките режими кога постоеше најголема цензура.
- Цензура како во најлошите времиња на комунистичките режими. Утре требаше да гостувам на националната телевизија Телма. Бев известен дека уредништвото на телевизијата не е среќно да се чуе гласот на најголемата политичка партија. Гостувањето откажано. Причините може да се претпостават. Ова е само приказ за еден брутален недемократски атак кој има функција да го прикрие стравот на Заев и власта и да ја замолкне опозицијата. Три години измислуваат, констриураат, напаѓаат и лажат, а сега и ме цензурираат. Но тоа нема да ме спречи да продолжам да ја говорам вистината, да ги поддржувам новинарите кои ја сакаат вистината и да бидам на страна на народот. Некој сака земја во која нема опозиција. Но нема да престане да има луѓе кои мислат со своја глава. Најголем доказ дека власта е изгубена, ранлива и дезионрентирана. Жалам, но не повеќе, истакна Мицкоски
Инаку, веќе извесен период и на социјалните мрежи засилени се коментарите за промената на уредувачката политика на Телевизија Телма со игнорирање на активностите на опозицијата и целосно покривање и поддршка на владините политики. Ваквите промени во известувањето доаѓаат откако Владата и компанијата Макпетрол АД-Скопје, која е сопственик и на телевизијата Телма се договорија околу доминантната сопственост на гасоводот ГА-МА. Спорот траеше со години, или подобро речено со децении, откако почна самата изградба.
Владата ја процени вредноста на инвестицијата на Макпетрол на цели 32 милиони евра и усвои предлог-закон за решавање на спорот по пат на меѓусебна спогодба.