Протест под слоганот „Протест сега, за да не биде предоцна“ организира вечерва опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тие ги повикаа сите граѓани, без разлика на етничката, верската или политичката припадност да земат учество во сенародниот и надпартиски протест за заштита на националните црвени линии кои се последниот бедем на македонскиот идентитет под мотото „Протест сега, за да не биде предоцна“.

Протестот почнува во 18:00 часот од пред паркингот на СЦ „Борис Трајковски“, а колоната автомобили ќе заврши пред Владата на Република Македонија во 18:30 часот.

Потенцираат сите граѓани присутни на протестот кои ќе учествуваат во колоната автомобили, да ги почитуваат максимално препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19 вирусот, да држат дистанца и да користат заштитни маски и опрема со цел да го заштитат сопственото здравје и здравјето на своите најблиски.

Дополнително апелираат и потенцираат до граѓаните да бидат особено внимателни и да не подлегнуваат на евентуални смислени провокации на власта, вметнати провокатори од власта во заминување кои имаат за цел да фрлат дамка на сенародниот и надпартиски протест.

Како што велат, целта е достоинствено и мирно да го изразат граѓанскиот револт за намерата на владата на Заев да тргува со јазикот, народот, идентитетот и историјата на Македонија.