Христија Мицкоски преку својот фејсбук профил за утре повика на нов протест со автомобили по изјавите на Заев за бугарската БГНЕС кој ќе заврши пред Владата на Република Македонија. Колоните со возила ќе тргнат од две локации, едната пред салата Борис Трајковски, другата од пред салата Јане Сандански во Аеродром.

- Чувствувате срам поради изјавите на Заев?

Сакате да промените нешто затоа што знаете дека повеќе не оди вака и не сакате да бидете соучесник во газењето по коските и жртвата на Илинденците, Партизаните, хероите?

Сега е времето кога треба да се протестира, за утре да не биде предоцна.

Македонија се обединува против Заев, против заедничкиот противник, против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик. Сѐ повеќе луѓе се охрабруваат да застанат во редот на одбраната на она што е свето и за кое се бореле и гинеле генерации, а кое сега се распродава. Сѐ повеќе граѓани на Република Македонија, кои имаат разлики по многу точки, се обединети во едно - бидејќи знаат дека нема назад од тука. И не отстапуваме ни чекор од она што е наше.

Скопје ја сака слободата која е скапо платена и Скопје протестира. Повикувам на сенароден протест утре, со почеток во 12:30 часот кој ќе заврши пред Владата на Македонија. Поради заразата со корона, протестот ќе биде со автомобили и во 12:30 часот ќе се тргне кон Владата од две локации, СЦ "Борис Трајковски" во Општина Карпош и СЦ "Јане Сандански" во Општина Аеродром.

За доброто на Македонија, порачуваме заеднички: Оставка на Заев, слобода на народот!, повика Мицкоски.