Огромен процент од испитаниците во анкетите спроведени од шпанските весници „АС“ и „Марка“ се изјаснија Реал Мадрид да ја продолжи соработката со Хрватот Лука Модриќ, чиј договор со „кралскиот клуб“ истекува следното лето.

Од вкупно 14.590 испитаници во анкета на „Марка“, 78 отсто одговориле потврдно на прашањето „Дали Реал треба да го обнови договорот со Модриќ?“.

Уште повисок процент, дури 89 отсто од вкупно 6.120 испитаници, одговориле со „да“ на истото прашање во анкетата на „АС“.

Модриќ, кој со 35 години е највозрасниот играч во редовите на актуелниот шпански првак, минатиот месец на прес-конференција во Мадрид изјави дека би сакал да потпише нов договор и да ја заврши својата кариера во Реал.