Најдобриот стрелец во првиот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Дембо Дарбо ги напушти редовите на есенскиот вицешампион Шкупи и потпиша договор со белорускиот првак Шахтјор Солигорск.

Репрезентативецот на Гамбија го засили Шкупи во август 2019 година, а есенскиот дел од актуелната сезона го заврши како најдобар стрелец во ПМФЛ, постигнувајќи 17 голови на 18 натпревари.

– Сакам да ви се заблагодарам на сите за поддршката што ми ја дававте уште од првиот ден кога дојдов во Чаир. Му посакувам на Шкупи сè најдобро во иднина и се надевам дека веќе оваа сезона ќе ја освои шампионската титула, изјави Дарбо на разделбата со Шкупи за клупскиот сајт.

Дарбо е вториот фудбалер од ПМФЛ кој во јануарскиот преоден рок го засили шампионот на Белорусија, откако претходно овој месец и играчот за врска на Шкендија, Валон Ахмеди потпиша за Шахтјор Солигорск.