Бугаринот Ивајло Петев од денеска е нов селектор на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина (БИХ), додека Португалецот Пауло Соуса вечерва е назначен за нов предводник на полскиот национален тим.

Петев дојде на местото на Душан Бајевиќ, кој се повлече од должноста на крајот од 2020 година, а претходно во кариерата ја предводеше Бугарија, како и екипите на Динамо Загреб, Лудогорец, Јагелонија, Омонија и Лимасол.

Со нов селектор мартовските квалификации за Мундијалот 2022 ќе ги започне и Полска, откако португалскиот стратег Соуса седна на селекторското столче на местото на Јержи Бржечек, кој претходно неделава неочекувано доби отказ.

Соуса, кој во својата играчка кариера ја освои Лигата на шампиони со Јувентус и Борусија Дортмунд, својот последен тренерски ангажман, без позначителен успех, го имаше на клупата на францускиот прволигаш Бордо.

– Мислам дека станува збор за тренер, кој може повеќе да извлече од оваа екипа. Со целосен респект кон Бржечек, имав впечаток дека тој тешко ќе нè однесеше чекор понатаму, изјави вечерва претседателот на полската фудбалска федерација, Збигњев Боњек.