Норвешкиот играч за врска Мартин Одегард, кој во шпанскиот првак Реал Мадрид има скромна минутажа, е пред трансфер во премиерлигашот Арсенал, како позајмен играч до крајот на сезоната, јавија денеска британските медиуми.

Според истите извори, Арсенал ќе мора да му плати на Реал отштета во висина од 2.8 милиони евра, плус износот за месечните примања на 22 – годишниот Норвежанец.

Одегард сакаше да замине на позајмица во шпанскиот прволигаш Реал Сосиедад, каде минатата сезона одигра 36 натпревари и постигна седум голови, меѓутоа Реал не даде согласност за таков трансфер и постигна договор со Арсенал.

Одегард ќе биде вториот фудбалер кој Реал го испраќа на позајмица во премиерлигашот од Лондон, каде минатата сезона од Мадрид пристигна Дани Себалос.