Македонскиот фудбалски првак во младинска конкуренција Шкендија ќе игра против претставникот на Азербејџан, Габала, во првото квалификациско коло во Лигата на шампиони (ЛШ) на УЕФА.
Ова е одлучено попладнево со жрепка во седиштето на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) во Нион, на која беа одредени 32-те двојки за стартното коло во елитното младинско натпреварување.
Првото квалификациско коло е на програмата на 2 и 3 март, а Шкендија својот премиерен натпревар сезонава во ЛШ ќе го игра на домашен терен. Победникот ќе обезбеди пласман во шеснаесетфиналето.
За младинците на Шкендија ова ќе биде трето едноподруго учество во ЛШ, по претходните две стартни елиминации од словачки Нитра и украински Динамо Киев.